Trifolium noricum — многугодишен тревест вид на детелина од фамилијата бобови опишан од Франц Ксавер фон Вулфен.

Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение, во основата со бројни задрвенети приземни гранчиња, од кои исправено израснуваат неколку неразгранети стебленца високи 10–20 см. Стебленцата се покриени со густи раширени влакна. Базалните листови на вегетативните и цветните гранчиња имаат дршки два до десет пати подолги од листната плочка, додека кај стеблените листови, кои најчесто се два до три, дршките се два до пет пати подолги од листната плочка. Листовите се елиптични до обратнојајцевидни, долги 12–20 мм и широки 6–8 мм, со тапо заострен врв, цел раб и клиновидна основа. Горната страна е речиси гола, а долната густо покриена со полураширени влакна; младите листови се влакнести од двете страни. Прилисниците се долгнавести, ципести, белузлави со зеленикави жили и покриени со полураширени или раширени влакна. Нивниот слободен дел е триаглесто-копјест и завршува со долг заострен врв. Лисните дршки се покриени со раширени влакна.

Соцветијата се топчести, со пречник од 20–40 мм, терминални и обвиени од прилисниците на најгорниот лист. Цветовите се многубројни и густо збиени.

Чашката е долга 7–10 мм. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е долг околу 5 мм, со десет жили и густо покриен со раширени влакна. Запците се линејно-шиловидни, речиси еднакви по должина, скоро шилести и најчесто еднакво долги или малку покуси од трубестиот дел на чашката. По површината имаат ретки раширени влакна. Венчето е кремаво или пурпурноцрвено, долго околу 15 мм и 1,5–2 пати подолго од чашката. Барјачето е за 3–4 мм подолго од крилцата, во горната половина благо закривено нагоре, а крилцата завршуваат со заострен врв. Лаѓичката е 1–2 мм покуса од крилцата. Плодот е мала мешунка сместена во чашката и обично содржи едно семе.

Варијабилност

Trifolium noricum subsp. noricum — запците на чашката се долги колку цилиндричниот дел на чашката или малку подолги. Венчето се одликува со кремава боја. Trifolium noricum subsp. praetutianum — запците на чашката се покуси од цилиндричниот дел на чашката за 1/2 или 1/3, а деловите на работ на чашката помеѓу запците се темновиолетови. Венчето се одликува со црвена, пурпурна и кремава боја.

Распространетост во Македонија Растението расте по високопланински пасишта на надморска височина од 1650 до 2700 метри. Подвидовите се среќаваат на различни места:

Trifolium noricum subsp. noricum — само на Шар Планина. Trifolium noricum subsp. praetutianum — планините Кораб, Дешат - Крчин и Бистра.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија