Vandal (кирилично: Вандал) — македонски треш метал бенд формиран во Куманово. Основан е во 2006 година, од страна на басистот Горан Митковски и поранешниот тапанар Драган. Подоцна на бендот му се приклучиле гитаристот Дамјан Милановски и вокалот Бојан Стојановски - Шваба. На почетокот овој музички квартет свирел песни од постарите треш состави како Металика, Пантера и Слеер.
Првата песна во нивно авторство се вика „World’s Reflection“, а по неа следеле многубројни настапи по клубовите ширум Македонија. Набргу во бендот се приклучил и Ненад Вељковиќ како петтиот и најнов член. Во меѓувреме дотогашниот тапанар Драган си заминал, а на негово место пристапил Андреј Мициќ, чиј музички стил се одликува со доста брзи ритми и агресивно музицирање.
Нивните текстови имаат разновидна тематика, но најчести се оние кои ги обработуваат секојдневните социјални проблеми и прашањата како што се војната и смртта. Нивното прво издание е демото Execute the throne, кое содржи пет нумери на англиски јазик.
Имаат настапувано на повеќе официјални музички фестивали и манифестации, од кои поважни се: Мораториум 3, фестивалот „Дојди веслај 2007“, како и „Рок Фест 2008“ каде го освоиле првото место според гласовите на публиката. Во моментов бендот работи на нов материјал и се подготвува за поголеми и поамбициозни проекти.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Македонски хеви метал музички групи Категорија:Појавено во 2006 година во Македонија