Sedum amplexicaule — вид повеќегодишно цветно тревесто растение кое припаѓа на родот жедник (Sedum) од семејството дебелци (Crassulaceae).

Опис и распространетост Sedum amplexicaule е голо растение, со разгранет ризом од кој се развиваат цветни стебленца. Неговите стебленца се долги 15-30 см; во пазувите на приземниот дел, како и од подземниот дел, се развиваат бројни неплодни гранчиња со долги дршки без листови, а на нивниот врв листовите се збиени и создаваат формации налик на мали класови. Листовите се тесни и цилиндрични, долги 10-15 мм; кај неплодните гранчиња основата е силно проширена, ципеста и со долг шпорест израсток; во лето листовите на цветните стебленца се сушат и паѓаат, додека кај неплодните гранчиња остануваат до наредната година. Цветовите се крупни, составени од 6-10 делови, наредени во една линија, собрани во неколку кратки гранчиња со 4-10 цветови и создаваат соцветие налик на штит; цветовите имаат дршка. Ливчињата на чашката се долги околу 3 мм, без влакна, јајцевидно-копјести, со остар врв и краток тап шпорест израсток во основата. Ливчињата на венецот се жолти, со средна жила во темножолта или црвеникава боја, долги 6-8 мм, јајцевидно-копјести и завршуваат со остар врв. Прашниците најчесто се двапати побројни од венечните ливчиња. Мешунчињата имаат издолжен остар врв. Столпчињата се издолжени.

Во Македонија расте на каменливи терени и по рабови на дабови и букови шуми, на височина околу 1700 метри. Се среќава во Маврово, Кораб , Галичица, Пелистер, Ниџе со Кајмакчалан, Кичево, Прилеп, Кожуф, Беласица, Огражден, Делчево, Битола и Ресен. Галерија

Наводи

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Дебелци