Застапнички судир меѓу Иран и Израел, познат и како Иранско-израелска застапничка војна или Иранско-израелска студена војна — претставува тековен посреден судир меѓу овие две земји. Во Израелско-либанскиот судир, Иран постојано ги поддржува либанските шиитски милиции, од кои најзначаен е Хезболах. Во рамките на Израелско-палестинскиот судир, Иран им давал поддршка на палестинските групи како Хамас. Од друга страна, Израел поддржувал ирански бунтовници, меѓу кои се и Народните муџахедини на Иран, спроведува воздушни напади врз иранските сојузници во Сирија и е обвинет за атентати врз ирански јадрени научници. Во 2018 г., израелските сили непосредно ги нападнале иранските трупи во Сирија.
Водени од доктрината на периферијата, Империјален Иран и Израел претходно одржувале блиски односи, гледајќи ги арапските сили како заедничка закана. По Исламската револуција во 1979 г., Иран ги прекинал формалните односи, но тајните врски продолжиле за време на последователната Иранско-ирачка војна. Иран го обучил и вооружил Хезболах за да се спротивстави на израелскиот упад на Либан во 1982 г., и продолжил да ги поддржува шиитските милиции низ целиот период на израелската окупација на Јужен Либан. Дури и пред 1979 г., иранските исламисти материјално ги поддржувале Палестинците; по 1979 г., Иран се обидел да воспостави односи со Палестинската ослободителна организација (ПОО), а подоцна и со Палестинскиот исламски џихад и Хамас. Израел водел војна со Хезболах во 2006 г. Исто така, Израел водел неколку војни со Палестинците во и околу појасот Газа: во 2008–2009, 2012, 2014, 2021 г. и од 2023 г. Либанската војна од 1982 г. и војните во Газа се сметаат за најсмртоносните судири во Арапско-израелскиот судир.
За судирот меѓу Иран и Израел се наведуваат различни причини. Иран и Израел претходно уживале во топли врски поради заедничките закани, но до 1990-тите, СССР се распаднал, а Ирак бил ослабен. Иранските исламисти долго време се залагаат за палестинскиот народ, кого го восприемаат како угнетен. Научниците веруваат дека со поддршката на Палестинците, Иран се стреми кон поголемо прифаќање меѓу Сунитите и Арапите, кои доминираат на Блискиот Исток. Понекогаш, Иран ги поддржувал решенијата со една држава и со две држави како одговор на тешката состојба на Палестинците, додека земјата исто така користела попровокативен јазик за да ја предвиди пропаста на Израел. Израел го гледа Иран како егзистенцијална закана. Израел го обвинил Иран за негување геноцидни намери, додека Иран го обвинил Израел за спроведување геноцид во Газа. Следствено, Израел бара санкции и воено дејствие против Иран со цел да го спречи во стекнувањето јадрено оружје.
Вовед Иранските исламисти имаат долга историја на сочувство со Палестинците. Уште во 1949 г., иранскиот ајатолах Махмуд Талегани го посетил Западниот Брег и бил длабоко трогнат од маките на палестинските бегалци. Талегани потоа почнал да се залага за Палестинците во Иран во текот на 1950-тите и 1960-тите години. По Шестдневната војна во 1967 г., тој започнал да собира средства (на пример, зекат) во Иран за да бидат испратени до Палестинците. Тогашната иранска влада била загрижена од овие дејности, а документите на САВАК (тајната полиција) укажуваат дека владата верувала дека иранската јавност сочувствува со палестинскиот народ. Слично на тоа, Рухолах Хомеини се залагал за палестинскиот народ пред да стане Врховен водач на Иран во 1979 г. Тој, исто така, ги критикувал врските на династијата Пахлави со Израел, гледајќи го Израел како поддржувач на режимот на Пахлави. По Иранската револуција во 1979 г., новата влада на Хомеини усвоила политика на непријателство кон Израел. Новата иранска влада го гледала Израел како колонијално упориште. Иран го повлекол признавањето на Израел како држава и ги прекинал сите дипломатски, комерцијални и други врски со Израел, нарекувајќи ја неговата влада „ционистички режим“, а Израел „окупирана Палестина“.
И покрај напнатоста меѓу двете земји, Израел му обезбедил поддршка на Иран за време на Иранско-ирачката војна од 1980 до 1988 г. За време на војната, Израел бил еден од главните снабдувачи на воена опрема за Иран, а исто така обезбедувал и воени инструктори. Израел директно ги поддржал воените напори на Иран кога го бомбардирал и уништил ирачкиот атомски реактор „Осирак“ во операцијата „Вавилон“. Атомскиот реактор се сметал за главна компонента на ирачката програма за јадрено оружје.
Израелскиот упад на Либан во 1982 г. довел до заминување на Палестинската ослободителна организација (ПОО) од Либан. Последователната израелска окупација на Јужен Либан привремено им донела корист на израелските сојузници во Либан и на цивилното израелско население со помалку насилни напади врз Северен Израел од страна на Хезболах отколку претходно од страна на ПОО во 1970-тите. Меѓутоа, масовните колежи извршени од израелски застапници (маронитските либански сили и десничарските фалангисти) врз либанските шиити, долгорочно довело до појава на домашно либанско, а не палестинско, движење на отпор во Јужен Либан. До втората половина на 1990-тите, ова движење претставувало поголем стратешки проблем за Израел отколку што ПОО можела да претстави во 1970-тите.
Иран воспоставил мрежа на сојузници и застапнички сили низ Блискиот Исток, која ја опишува како дел од „оската на отпорот“ насочена кон спротивставување на интересите на САД и Израел во регионот. Израел го гледа Иран како егзистенцијална закана поради реториката на Техеран, неговата поддршка за застапничките сили во регионот и неговото вооружување и финансирање на палестинските групи како Хамас. Во некои случаи, застапничките групи еволуирале во политички партии, преод што бил охрабрен и негуван од Иран. Овие застапници со двојна улога стекнале политички легитимитет, истовремено прикривајќи терористички дејства.
Американски разузнавачки претставници изјавиле дека веруваат дека Иран не бара поширок судир, тврдејќи дека основната цел на иранските застапници е да ги насочат Израел и САД на начин што ќе избегне предизвикување војна од големи размери. Соединетите Држави се сметаат за најголем „воен поддржувач“ на Израел. Германија, Обединетото Кралство и Италија, исто така, му доставиле оружје на Израел.
Наводи
Надворешни врски Категорија:Арапско-израелски конфликт Категорија:Билатерални односи на Израел Категорија:Историја на Блискиот Исток Категорија:Војни на Израел Категорија:Војни на Иран