Милош Раониќ (; р. 27 декември 1990 — канадски професионален тенисер од српско потеклоMilos Raonic: ‘Pete Sampras was my idol and I’d love to win Wimbledon’ theguardian.com кој живее во Монте Карло, Монако.
Роден во Титоград, СФР Југославија (денес Подгорица, Црна Гора), Раониќ на три годишна возраст со своето семејтво се преселил во Канада. Тој е највисоко пласираниот канадски тенисер на АТП од кога започнало компјутерското рангирање од 1973, со моментален пласман на 15-то место во светот.. Во 2011 тој за еден месец се искачил од 102-то место на 37-то место на АТП листата, откако го достигнал четвртото коло на Отвореното првенство на Австралија и ја освоил својата прва АТП титула на САП Опен 2011. Раониќ, кој претпочитува да игра на тврда подлога, исто така добро се снаоѓа и на останатите тениски подлоги. Од крајот на 2010 сè до мај 2013, негов тренер бил поранешниот шпански професионален тенисер Гало Бланко. Моментално негов тренер е Иван Љубичиќ.
Статистички, неговиот сервис е еден од најдобрите на АТП турата. Во 2012, тој одсервирал најмногу асови по натпревар и освоил највисок процент на реализација на прв сервис од било кој друг играч.
Професионална кариера 2007 На Раониќ му била дадена вајлд карта за настап на три фјучерс турнири спонзорирани од страна на Тениската федерација на Канада и Банката на Канада одржани во март во провинцијата Квебек. На првиот фјучерс тој ја забележал својата прва победа во својата кариера, над 687-от тенисер во светот Фабрис Мартин со 7–5, 2–6, 6–4. Во второто коло тој бил поразен од 661-от тенисер во светот, австриецот Патрик Шмолцер со 3–6, 3–6. Следната недела на вториот фјучерс, Раониќ бил поразен во првото коло од 2-от носител на турнирот, Џон Пол Фратеро со 6–7, 3–6. Во двојки, на двата турнири, Раониќ настапил заедно со Васек Поспишил но биле поразени уште во првото коло. На третиот фјучерс турнир, Раониќ бил повторно поразен во првото коло, но во игра на двојки заедно со Фредерик Ниемејер стигнал до полуфиналето.
2008 Раониќ повторно добил валјд карта за настап на три фјучерс турнири одржани во март во Квебек, и овојпат забележал многу подобри резултати. На првиот фјучерс, Раониќ заедно со Милан Покрајач успеал да ја освои титулата во игра на двојки, додека во поединечна конкуренција бил поразен од Мајкл Јани во четвртфиналето во три сета. Следната недела, во Монтреал, во игра на двојки Раониќ заедно со Милан Покрајач повторно стигнал до финалето, во кое овојпат биле поразени. На последниот фјучерс турнир во Шербрук, Раониќ стигнал до самото финале кое било прво во неговата кариера, но бил поразен со 5–7, 6–7 од италијанецот Енрико Јануци. .
Кон крајот на април, Раониќ се појавил на ИТФ фјучерс турнирот во Веро Бич, Флорида и откако успешно ги поминал квалификациите влегол во главниот ждреб. Сепак тој во првото коло бил поразен од американецот Маркос Фугејт со 1–6, 4–6. Раониќ исто така бил дел и од главниот ждреб во игра на двојки, но заедно со неговиот партнер Адам ел Мидави бил поразен во првото коло. Следната недела, тој се појавил на фјучерс турнирот во Оринџ Парк, Флорида, но бил поразен во третото квалификациско коло и покрај тоа што бил трети носител. По овој пораз, Раониќ не учествувал на ниту еден турнир сè до јули.
Во јули, Раониќ, како учесник со вајлд карта, бил поразен во првото коло на челенџер турнирите во Гранби и Монктон. Во игра на двојки, заедно со Васек Поспишил, тој стигнал до второто коло во Гранби, а бил поразен во првото коло во Монктон. Следната недела тој добил вајлд карта за учество во квалификациите за Роџерс Купот и бил поразен од 203-от тенисер во светот, Александар Кудравцев со 3–6, 4–6.
Следен турнир за Раониќ бил фјучерс турнирот во јапонскиот град Кашива, каде во првото коло бил поразен од домашниот тенисер Хироки Кондо со 4–6, 2–6. Следната недела, на фјучерс турнирот во Токио, Раониќ забележал победа над 2-от носител Тацума Ито во три сета, а потоа во второто коло бил поразен од тајландскиот дејвис куп играч Перакијат Сирилуетајватана.
Раониќ сезоната ја завршил со челенџер турнирот во канадскиот град Римуски, каде бил поразен во првото коло од венецуелскиот тенисер Хосе де Армас, и покрај тоа што го добил првиот сет. Сепак во двојки, Раониќ заедно со својот партнер Васек Поспишил успеал да стигне до својата прва челенџер титула во двојки. Со вајлд карта, Раониќ и Поспишил во финалето успеале да забележат победа над третите носители Кристијан Плес и Мајкл Ридерштед со 5–7, 6–4, 10–6. Раониќ годината ја завршил на 915-то место на АТП листата во поединечна конкуренција и на 513-то место во игра на двојки.
2009 Раониќ новата сезона ја започнал со фјучерс турнирот во Бока Ратон, Флорида, но како тринаесетти носител бил поразен во квалификациите за турнирот. Една недела подоцна, тој успечно ги минал квалификациите на фјучерс турнирот во Санрајс, Флорида, и влегол во главниот ждреб каде бил поразен од Григор Димитров со 4-6, 2-6.
Во почетокот на февруари, Раониќ успешно ги поминал квалификациите на фјучерс турнирот во Загреб и се нашол во главниот ждреб. Во првото коло од главниот ждреб, тој забележал победа над седмиот носител Јан Мертл, а потоа во второто коло остварил победа над бугарскиот тенисер Ивајло Трајков. Во четвртфиналето тој бил подобар од русинот Денис Мацукевич, но во полуфиналето бил поразен од ирскиот тенисер Лук Соренсен. Во игра на двојки, Раониќ заедно со неговиот партнер Ерик Чивојка стигнал до второто коло. Следната недела, на вториот фјучерс турнир во Загреб, Раониќ и Чивојка стигнале до финалето во игра на двојки во кое биле поразени, а во поединечна конкуренција Раониќ бил поразен во четвртфиналето од турнирот.
По неколку недели пауза, Раониќ успешно се вратил на тениските фјучерс турнири, освојувајќи ја својата прва титула на турнирот во Монтреал. Тој добил вајлд карта за учество на турнирот од страна на Тениската федерација на Канада, и во финалето забележал победа над 594-от тенисер во светот, Грегор Бурке со 6–3, 6–4. Во игра на двојки, тој и Васек Поспишил, и покрај тоа што биле први носители, биле поразени во второто коло.
Две недели подоцна, Раониќ повторно успеал да влезе во главниот ждреб на еден фјучерс турнир, овојпат како 4-ти носител на турнирот во Мобил, и стигнал до четвртфиналето. Во игра на двојки, тој и Филип Бестер, како трети носители, успеале да ја освојат титулата победувајќи ги во финалето првите носители, Лестер Кук и Трит Конрад Хуи. Една недела подоцна на фјучерсот во Литл Рок, Раониќ се пласирал во главниот ждреб но бил поразен уште во првото коло.
Следен турнир на кој Раониќ играл бил фјучерс турнирот во Марибор, Словенија. За првпат во својата кариера тој директно влегол во главниот ждреб на еден турнир, благодарение на својот ранкинг. Сепак, тој бил поразен во првото коло, од првиот носител на турнирот, Павол Червенак со 4–6, 2–6. Во двојки, тој и Аљаж Бедене биле поразени во второто коло. Една недела подоцна, на фјучерс турнирот во словенскиот град Литија, Раониќ повторно бил поразен во првото коло, но овојпат од третиот носител, Украинецот Денис Молчанов. Сепак, тој и Молчанов решиле да играат заедно во игра на двојки, и успеале да дојдат до титулата на турнирот, која за Раониќ била 4-та во кариерата во игра на двојки. Следната недела, Раониќ стигнал до четвртфиналето на фјучерсот во Падова, додека во двојки бил запрен во второто коло.
Следен турнир на кој Раониќ играл бил фјучерс турнирот во Питсбург, кој се играл на земјена подлога и на кој Раониќ бил седми носител. И покрај тоа што бил носител, Раониќ бил поразен во второто коло од Рајн Вилијамс. Во двојки, Раониќ и Поспишил, како први носители биле поразени во полуфиналето. Една недела подоцна, на фјучерс турнирот во Пиорија, Раониќ како шести носител бил запрен во четвртфиналето од својот партнер во двојки, Васек Поспишил. Сепак тој и Поспишил, успеале да ја освојат титулата во игра на двојки.
Раониќ повторно добил вајлд карта за учество во квалификациите на Роџерс Купот, и во првото квалификациско коло забележал победа над 77-от тенисер во светот, Тејмураж Габашвили во три сета, а потоа во второто коло бил подобар од Микаел Лодра со 6–4, 7–6. Во првото коло од главниот ждреб, Раониќ бил поразен од 10-от играч во светот Фернандо Гонсалес во три сета. Следната недела, Раониќ стигнал до финалето на фјучерс турнирот во Тајланд во кое бил поразен од Китипонг Вачирамановонг во три сета, додека пак во игра на двојки, заедно со Николус Мозер, успеал да ја освои титулата на турнирот. Една недела подоцна, тој успеал да ја освои титулата на вториот фјучерс турнир во Тајланд, победувајќи го во финалето французинот Лорен Рошет.
Раониќ сезоната ја заокружил играјќи на турнири од АТП Челинџер серијата, но не забележал некој позначаен успех. Тој годината ја завршил на 373-то на место на АТП листата во поединечна конкуренција и на 425-то место во двојки.
2010 Раониќ новата сезона ја започнал со назначувањето на Фредерик Ниемејер за негов тренер. На три од своите први пет фјучерс турнири, во игра на двојки, Раониќ успеал да стигне до полуфиналните натпревари. Тој исто така забележал победа заедно со Даниел Нестор во игра на двојки во Дејвис Куп натпреварот против Колумбија. Сепак, во поединечна конкуренција, тој на двапати бил поразен од колумбиските тенисери.
Во средината на април, Раониќ стигнал до нова титула во својата кариера, победувајќи го Хироки Кондо со 6–1, 6–1 во финалето на фјучерс турнирот во Сеул. Тој до титулата на турнирот стигнал без изгубен сет. Две недели подоцна, тој успеал да освои уште една титула, овојпат на фјучерс турнирот во корејскиот град Чангвон. Потоа следен настапот на челинџер турнирот во Пусан, каде Раониќ бил поразен од осмиот носител Тацума Ито во првото коло. И покрај овој пораз, тој се искачил на 303-то место на АТП листата, кое во тој момент претставувало негово највисоко во кариерата.
Кон крајот на јули, Раониќ успеал да стигне до финалето на челинџер турнирот во Гранби во кое бил поразен од првиот носител Тобијас Камке со 3–6, 6–7. Овој резултат на Раониќ му го донел 209-то место на АТП листата, кое повторно претставувало највисоко во кариерата. Следната недела тој добил специјално учество во главниот ждреб на челинџер турнирот во Ванкувер, каде бил поразен од седмиот носител Роберт Кендрик во првото коло со 6–7, 4–6. Тој добил валјд карта за учество на Роџерс Купот но бил поразен уште во првото коло од Виктор Ханеску со 4–6, 4–6. Во игра на двојки, тој и Васек Поспишил во првото коло имале чест да играат против Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ и успеале да забележат победа, освојувајќи го третиот сет со 10–8. Сепак, во второто коло, канадските тенисери доживеале пораз.
Раониќ за првпат во својата кариера успеал да се пласира во главниот ждреб на гренд слем турнир, откако успешно ги поминал трите квалификациски кола на Отвореното првенство на САД но бил поразен во првото коло од австралиецот Карстен Бол. Две недели подоцна во рамките на Дејвис Купот, Раониќ остварил победа над Виктор Естреља во пет сета, со што Канадскиот тим обезбедил опстанок во првата американска зона, победувајќи ја Доминиканска Република со вкупни 5–0.
Кон крајот на септември, Раониќ го потврдил учеството на Отвореното првенство на Малезија, и турнирот го започнал од квалификациите. Откако успешно ги поминал квалификациите, тој забележал победи над Игор Куницин и Сергеј Стаховски во првото и второто коло редоследно, но бил запрен во четвртфиналето од Игор Андреев. Една недела подоцна, Раониќ бил дел од Отвореното првенство на Јапонија кое повторно го почнал од квалификациите. Откако остварил две победи во квалификациите, тој влегол во главниот ждреб и во првото коло бил подобар од Флоран Сера. Во второто коло тој бил поразен од првиот играч во светот, Рафаел Надал со 4–6, 4–6.