Monotropa hypopitys (син. Hypopitys monotropa) — вид тревесто повеќегодишно растение од подсемејството Monotropoideae на семејството вресови (Ericaceae). Потекнува од умерените региони на Северната хемисфера и е ретко распространето во рамките на својот ареал. M. hypopitys е микотрофно растение, што значи дека ги обезбедува потребните хранливи материи и јаглерод со паразитирање врз микоризните мрежи на дрвјата. Бидејќи нема хлорофил, тоа не врши фотосинтеза. Името на видот, M. hypopitys, потекнува од латинизираниот грчки збор hypo- („под“) и pitys („бор“), што се однесува на местото каде што често расте.
Опис Monotropa hypopitys е сапрофитско растение со кремаста, белузлава или жолтеникава боја, чии подземни стебла (ризоми) имаат многу куси интернодиуми, а на јазлите имаат многубројни кончести коренчиња. Неговото стебло е високо од 10 до 25 см и, како и останатиот дел од растението, има кремаста до жолтеникава боја (поретко розеникава до црвеникава), додека кога се суши добива кафеава или црна боја. По површината е покриено со лушпести листови долги 5–15 мм кои се јајцевидно-долгнавести, со мазни или ресичести рабови. Цветовите се собрани во гроздовидно соцветие, кое додека цвета е свртено надолу, а подоцна зазема исправена положба. Терминалните цветови се петчлени, а страничните четиричлени, поставени во пазувите на јајцевидно-ланцетни брактеи со ресички во основата и ситно назабен врв со ресички. Чашкини ливчиња недостасуваат, а нивната улога ја вршат прицветните листови со остар и ситно назабен врв. Венечните листови се долгнавести до лопатовидни, долги 6-13 мм, со торбесто проширена основа и ресички на врвот. Прашниците се двапати побројни од венечните листови, но покуси; нивните филаменти имаат ресички по рабовите. Плодникот е делумно поделен на четири или пет коморчиња. Столпчето на плодникот е кратко, а самиот жиг има форма на инка. Плодната кутијка е речиси топчеста и насочена нагоре.
Често се меша со габа поради неговите уникатни, физички карактеристики слични на габа."What are they?".
Паразитизам Бидејќи не врши фотосинтеза како автотрофните растенија, Monotropa hypopitys функционира како микотроф и ја обезбедува својата храна преку искористување на симбиотската врска меѓу микоризните габи и дрвјата."What are they?". Преку навлегување директно во хифите на габите, M. hypopitys ги црпи потребните хранливи материи. M. hypopitys најчесто паразитира на габите кои живеат во заедница со дабовите и боровите дрвја."Lady Bird Johnson Wildflower Center - The University of Texas at Austin". Ова растение покажува селективност во изборот на домаќин, сврзувајќи се исклучиво со габи од родот Tricholoma.
Распространетост Monotropa hypopitys е најраспространетиот член на своето подсемејство (Monotropoideae). Покрај во Северна Америка, овој вид е широко распространет и низ Европа, Русија, Пакистан, Кина и Индија. Дистрибуцијата на M. hypopitys е тесно поврзана и диктирана од локацијата на габите Tricholoma.
Во Македонија расте во засенчени шумски предели на височини од 1000 до 2000 м, најчесто во буковите шуми.
Варијабилност Во Македонија се среќаваат две варијанти на Monotropa hypopitys:
Monotropa hypopitys var. hypopitys - Целото растение е голо, дури и внатрешноста на венечните листови. Се среќава на Плачковица и Кожуф, како и кај Македонски Брод – Барбарас. Monotropa hypopitys var. hirsuta - Целото растение или само соцветието има влакнести цветови. Се среќава на Шар Планина, во Маврово, Кичевско Турла, кај Кавадарци (с. Мајден) и на планината Дудица.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Северна Америка Категорија:Флора на Азија Категорија:Флора на Европа Категорија:Паразитски растенија Категорија:Флора на Македонија