Јан Дубови () (Лазце, 9 февруари 1892 – Либерец, 19 август 1969) — чешки архитект од меѓувоениот период.
Животопис Роден е на 9 февруари 1892 г. во селото Лазце во Моравија, тогаш дел од Австроунгарија, денес во Чешка. Произлегувал од ѕидарско семејство. Студирал на Архитектонскиот факултет при Техничкиот универзитет во Прага, каде што дипломирал во 1916 г. под менторство на истакнатиот архитект Јозеф Фанта. По дипломирањето се вработил во градежното претпријатие на друг архитект — Матеј Блеха. По крајот на Првата светска војна, во 1922 г. се преселил во Белград, каде што продолжил да работи во филијата на истото претпријатие, иако по извесно време го напуштил претпријатието и како стручно лице со солидна техничка основа се вработил како општински архитект-урбанист во градот.
На 36-годишна возраст, како архитект со современи гледишта во Белград ја основал Групата на модернистички архитекти во 1928 г. Во периодот 1929–1934 г. проектирал голем број објекти од станбен и општествен карактер. Позначаен објект од тоа време му е Опсерваторијата на Sвездара во Белград (1930). Воедно, Дубови бил и претседател на Чехословачката беседа во тогашното Кралство СХС. Во 1934 г. се преселил во Битола. Таму проектирал голем број индивидуални семејни куќи, меѓу кои позначајна била куќата на просветниот работник Петар Мачкиќ (1937). Меѓутоа, тој подоцна преселил во Скопје, каде што се вработил во бирото на инж. Кирил Жерновски.
По крајот на Втората светска војна се вработил во Архитектонското одделение при Министерството за градежништво во Скопје, каде што работел заедно со Сотир Томоски, Михо Чакеља и Иван Артемушкин. Од 1941 до 1947 г. предавал во Средната техничка школа во Ниш. Подоцна се вратил во Чехословачка. Починал на 19 август 1969 г. во Либерец.
Објекти За време на својот престој во Македонија, Дубови проектирал повеќе индивидуални семејни куќи. Од нив позначајни се:
1935: Основното училиште „Вук Караџиќ“ во Битола; 1935: Споменикот на рускиот конзул Ростовски во Битола; 1936: Планинарскиот дом на Пелистер; 1936: Индивидуалната семејна куќа (Сут+П+1) на Петар Мачкиќ на ул. „Кичевска“ бр. 20 во Битола; 1936: Индивидуалната семејна куќа (Сут+П+1) на Зденка Буста на ул. „Кнез Арсен“ бр. 115 во Скопје; 1937: Индивидуалната семејна куќа (П+1) на Јован Стефановиќ на аголот од ул. „Лесновска“ и кеј „13 Октомври“ во Скопје; 1938: Индивидуалната семејна куќа (П) на Атанас Ничевиќ на ул. „Кумановски пат“ во Скопје; 1938: Станбениот објект (П+2) на Милан Кодак на ул. „Цар Никола“ бр. 3 и „Принц Павле“ во Скопје; 1938: Индивидуалната семејна куќа (П+1) на Јосип Мерумка на ул. „Јустинијанова“ бр. 14 во Скопје; 1938: Станбениот објект (П+1) на Страхиња Јовановиќ на ул. „Венец на Св. Сава“ бр. 74 во Скопје; 1940: Продавницата за чевли (П+1) на Марија Стефановиќ на ул. „Крал Петар“ во Скопје.
Наводи
Категорија:Чешки архитекти