Trifolium ochroleucon (синоним: Trifolium ochroleucum), исто така позната како сулфурна детелина — повеќегодишен вид на детелина.
Име Името на видот, ochroleucon, е латински за „жолтеникаво-бела“, што се однесува на бојата на цветовите.
Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение, високо 20–50 см и обично разгрането. Стебленцата се исправени или приподигнати, со долги интернодиуми, особено во горниот дел, и по површината се покриени со густи прилегнати влакна. Базалните листови имаат дршки долги 5–10 см, кои кон врвот на растението постепено се скратуваат. Кај горните листови дршките се покуси од листната плочка, а двата најгорни листа имаат многу куси дршки (околу 1,5 мм), речиси се приседнати и заедно со прилисниците го обвиваат соцветието. Листовите се долгнавесто-елиптични или копјести, најшироки во средината, долги 15–30 мм и широки 5–10 мм, односно два до четири пати подолги отколку широки. Врвот е тап или плитко всечен, работ најчесто цел, а од двете страни се покриени со полураширени влакна и имаат густи, речиси паралелни жили. Прилисниците завршуваат со долг шилест зелен продолжеток, додека нивниот проширен дел е бел и со зелени жили.
Соцветијата се терминални или странични во пазувите на листовите, топчести до јајцевидни или долгнавести, со многу кратка дршка која е покуса од дршката на листовите што го обвиваат соцветието. Цветовите се долги околу 15 мм и се без прицветници.
Чашката е долга околу 9 мм и по целата површина е покриена со ретки раширени влакна. Нејзиниот цилиндричен трубест дел има десет жили, а на внатрешната страна околу отворот има прстен од влакна. Запците се линејно-тесно триаголни и со различна должина, со една изразена средишна жила и две покуси странични жили во основата. Најгорните запци се долги околу 2 мм, страничните се малку покуси, а долниот достигнува околу 6 мм и е приближно трипати подолг од горните. По прецветувањето цветовите се спуштаат надолу. Венчето е жолтеникаво, поретко розово. Барјачето е долго 13–15 мм, благо свиткано нагоре и околу 3 мм подолго од крилцата и лаѓичката, кои се речиси еднакви по должина. Плодот е мешунка која обично содржи едно семе.
Варијабилност
Trifolium ochroleucon var ochroleucon — се одликува со тоа што листовите се жолтеникави. Trifolium ochroleucon var roseum — се одликува со тоа што листовите се розови.
Распространетост во Македонија Trifolium ochroleucon расте по влажни места, покрај букови и други шуми и ретки шумски состоини до надморска височина од 1700 метри. Var ochroleucon е широко распространето растение и се среќава на планините Водно, Китка, Јакупица, Шар Планина, Кораб, Бистра, Стогово, Галичица, Пелистер, Ниџе, Кожуф, Беласица, Осогово, потоа во Скопје во селата Нова Брезница и Орашје, и во Катлановска Бања. Во селото Вратница во Тетово, Маврови Анови, селата Баниште и Горно Косоврасти во Дебар, Баба Сач во Кичево, помеѓу селата Железнец и Големо Илино во Демир Хисар, помеѓу селата Стење и Коњско, и во селата Лева Река и Крушје во Ресен, Плетвар во Прилеп, Демир Капија и Пехчево, а var roseum се среќава во Демир Капија и Воловец (западно од Дојран).
Распространетост во светот Растението е домородно во Европа. Локализирано е на Британските Острови, а главното живеалиште на видот е во Источна Англија, додека видот е присутен и во Линколншир, Мерсисајд и Вустершир. Доста е распространето низ остатокот од Западна и Централна Европа, а е регистрирано и во Иран и Северна Африка.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Детелина Категорија:Флора на Англија