Trifolium globosum — едногодишен вид на детелина опишан од Карл Линеј. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Растението е едногодишно, високо 10–30 см, разгрането уште од основата и со повеќе стебленца. Стебленцата, лисните дршки и дршките на соцветијата се покриени со раширени влакна. Базалните листови имаат дршки четири до шест пати подолги од листната плочка, додека кај горните листови дршките постепено се скратуваат, а кај најгорните се покуси од листната плочка. Листовите се обратнојајцевидни до обратно-срцевидни, долги 8–12 мм и широки 5–12 мм, покриени со прилегнати влакна, со клиновидна основа и црвена флека на горната страна на листната плочка. Прилисниците се јајцевидни, а нивниот слободен дел е широко триаголен.
Соцветијата се топчести, со пречник од 20–25 мм. Надворешните плодни цветови, обично 12–16, се распоредени во два реда, додека сите внатрешни цветови се стерилни. Дршката на соцветието е три до четири пати подолга од најгорните листови. Цветовите се долги околу 8 мм и се без прицветници.
Чашката на плодните цветови е долга околу 5 мм, цилиндрична и покриена со полураширени влакна. Нејзиниот цилиндричен дел е долг околу 2,5 мм, белузлав и со бројни надолжни жили. Запците се зелени, речиси шиловидни и покриени со полураширени влакна. Најчесто се речиси еднакво долги, но понекогаш двата горни се малку подолги од останатите три. Венчето е бело или розово, долго околу 8–9 мм. Стерилните цветови се многубројни, со тенки чашкини запци долги околу 5 мм, густо покриени со долги влакна, поради што целото соцветие има изглед на влакнесто топче. Плодот е мала мешунка сместена во чашката, која обично содржи едно семе.
Распространетост во Македонија Trifolium globosum расте по брдски пасишта и покрај нивите во најтоплите делови на Македонија. Растението се среќава во селото Стојаково во Гевгелија и кај местото Асанли во Нов Дојран.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Детелина