мини|Тест на кочниците мини|Станица за технички преглед на возила
Технички преглед на возила – постапка пропишана од државни или локални власти во многу земји, во кои се врши технички преглед на возилото за да се осигура дека истото е во согласност со прописите за безбедност и загадување (емисија на издувни гасови, бука). Техничкиот преглед на возилото најчесто е периодичен, но може да биде вонреден или при пренесување на правото на сопственост на возилото. Вообичаен период за технички преглед на возилото е на година или две години и истиот се извршува во станици за технички преглед кои ги задоволуваат пропишаните услови во поглед на поставеност, опременост и функционирање.
Периодичниот технички преглед се врши заради проверка на техничка исправност на сите моторни и приклучни возила и воедно претставува предуслов за регистрација и задолжително осигурување на возилото. Целта на овој преглед е да се спроведе контрола на техничката исправност на возилата и намалување на влијанието на техничката неисправност на возилата во сообраќај на пат, односно зголемување на општата безбедност на патиштата.
По успешно завршен технички преглед, во многу земји возилото добива налепница со месец и година на извршен преглед, за да се поедностават контролите.
Постои дискутабилност околу тоа дали периодичното испитување на моторните возила е економичен начин за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Неодамнешна анализа на промените во постапките за безбедносен преглед во Соединетите Американски Држави го обновија сомнежот за делотворноста на овие прегледи.
Технички преглед на возила во Македонија Во Македонија првиот технички преглед, во зависност од видот на возилото, се извршува една, две или четири години по првата регистрација. Една година – автобуси, товарни возила, возила за превоз на опасни материи, возила за јавен превоз на патници, приклучни возила... Две години - мобилни машини, трактори и моторни возила со најмалку четири тркала, кои се користат за превоз на патници со не повеќе од 8 седишта, со исклучок на возачкото седиште. Четири години – лесни приколки.
Периодичните технички прегледи на возилото се извршуваат на 6 месеци, година дена, две или четири години. Шест месеци – автобуси, товарни возила, возила за превоз на опасни материи, возила за јавен превоз на патници... Една година - мобилни машини, трактори и моторни возила со најмалку четири тркала, кои се користат за превоз на патници со не повеќе од 8 седишта, со исклучок на возачкото седиште. Две години - доколку од првата регистрација на возилата од претходната точка нема поминато 8 години, периодичниот преглед се врши на две години. Четири години – лесни приколки, приколки за домување и посебни приклучни возила за превоз на чамци, водени скутери и други уреди за спорт и рекреација под 3500 кг.
Наводи
Категорија:Патен сообраќај Категорија:Сообраќајна безбедност