Народниот музеј на Србија, во Белград, е основан на 10 мај 1844 година и е најголем и најстар музеј во Србија. Се наоѓа во централната зона на Белград и е сместен на квадратна површина меѓу Плоштадот на Репубиката (поранешен Плоштад на Театарот) и трите улици: улица на Чичко Љубе, Васина улица и улицата на Лазар Пачу. Предната главна фасада гледа кон Плоштадот на Републиката. Од основањето до сега неговите колекции се зголемени на преку 400,000 експонати вклучувајќи и многу странски ремек дела. Во составот на музејот се Галерија на фреските, Музејот на Вук Караџиќ, Музејот на Доситеј Обрадовиќ и спомен музејот на Надежда и Раско Петровиќ. Експонат со најголема вредност кој се чува во овој музеј е Мирославово евангелие - најстар и најдрагоцен кириличен ракопис од 1190 година. Музејот моментално е во фаза на реновирање.

Историја Народниот музеј на Србија бил основан на 10 мај 1844 година со указ на тогашниот министер за образование Јован Стерија Поповиќ под името Музеум сербски. Пред неговата изградба на тоа место била познатата белградска кафеана "Дарданели", во која во тоа време се собирала уметничката и културна елита на Србија. Со рушење на старата кафеана истовремено започнала и трансформацијата на сегашниот Плоштад на Републиката.

Сегашната зграда на музејот била изградена 1903 година и наменета за Управа на фондовите, за да подоцна во неа се всели Хипотекарната банка, една од најстарите банкарски институции во Белград. Дури 1952 година зградата била доделена на Народниот музеј на Србија. Зградата била изградена според проектот на архитектите Андре Стевановиќ и Никола Несторовиќ, на објавен конкурс на кои тие ја добиле првата награда. При нејзината изградба за првпат е употребен вид на армиран бетон во поставувањето на темелите. Новоизградениот објект бил двокатна зграда која за своето време била вистинска палата како според зафатнинскиот концепт, кој бил во облик на долг масивен блок со куполи над централните и бочни ризалити, така и според академското решение за фасадата која била направена по принципите на неоренесанса со елементи на необарок на куполите. Најголемото внимание било посветено на монументалните скали додека на просторот за шалтери, кои се основен простор за една банка, им било дадено секундарно значење. Неполни три децении подоцна со развојот на Хипотекарната банка се јавила потреба за детална реконструкција на објектот. Направено е доградување без конкурс според проектот на архитектот Војин Петровиќ со кој бил дограден атриум и крило свртено кон улицата Лазар Пачу. Бидејќи новиот дел ги содржел истите елементи како и стариот се појавиле две монументални скалишта и две шалтер сали, а на катовите просторот бил обединет во непрекината низа на канцеларии. При бомбардирањето на Белград во тек на Втората светска војна, била погодена и оваа зграда при што бил срушен централниот дел со куполата. После војната зградата добила сосема друга намена, кога во неа се вселила една од најзначајните државни институции на културата.

Од своето основање па сѐ до крајот на Втората светска војна, Народниот музеј на Србија се селел повеќепати. По првото сместување во просториите на зградата на капетан Миша (1863 година) музејот бил преместен во две соседни згради кои биле срушени во тек на Првата светска војна, а збирките на музејот биле украдени од страна на окупаторот. Во периодот меѓу двете светски војни за потребите на музејот била изнајмена приватна куќа на улицата на Кнез Милош бр. 58. Музејот тука останал до 1935 година, кога бил отворен Музејот на Кнез Павле, кој настанал со обединување на Историскиот музеј и Музејот на современата уметност, а бил сместен во зградата на Новиот двор. После Втората светска војна, Новиот двор бил адаптиран за потребите на Собранието на Србија, а еден дел од музејот во 1948 година бил префрлен во зградата на некогашната Берза на Студентскиот плоштад, а другиот дел во Конакот на Кнегиња Љубица каде бил привремено сместен и апелациониот суд.

Прв конкурс за зграда на Музејот бил распишан 1949 година и било планирано да биде на Ташмајдан. Проектот го направил архитектот Миладин Прлевиќ, но со одлуката на Коминформот оваа идеја била отфрлена, а Музејот бил преместен во зградата на хипотекарната банка на Плоштадот на Републиката. Првото обновување на зградата по војната го направил архитектот Доброслав Павловиќ, во 1950 година. Најголема реконструкција и адаптација на објектот за потребите на Музејот биле направени 1965/1966 година спрема проектот на архитектите Александар Дерок, Петар Анагностиј и Зоран Петровиќ.

Била обновена и централната купола и бил подигнат средниот дел со канцеларии и работни простории. При адаптацијата, првобитната сала со шалтери била направена во библиотека, поради што главниот влез со монументалните скали, кој бил влез од Плоштадот на Републиката, добил интерен карактер, а вториот влез, од страна на Васината улица, добил функција на главен влез во музејот и бил директно поврзан со салата со шалтери. Во функционалното уредување, зградата по реконструкцијата добила двојно повеќе простор и комуникација, додека во естетска смисла ги задржала сите карактеристични елементи од 1902 година, така да во ликовниот поглед останала како интегрална целина. Внатрешната доградба од периодот на шеесеттите години на дваесеттиот век била така направена што од надвор промените не биле видливи и не се попречувал внатрешниот тек на музејските експонати.

Во еден дел од Народниот музеј, во 2013 година, била отворена изложба по повод на 900 години од раѓањето на Стефан Немања. Пред тоа музејот бил затворен повеќе години поради реновирање. Се очекува да биде отворен за посетителите 2018 година на Видовден.

Музејот денес Зградата на Народниот Музеј на Србија претставува претставителен, јавен објект кој го карактеризираат монументалноста на габаритот, волуменот и надворешниот изглед со стилското решение. Со својот изглед посебно се одвојуваат влезните делови со двојни столбови и раскошни куполи. Фасадата се одликува со полихромни орнаменти со неоренесансно потекло. Претставителноста се гледа и во ентериерниот аранжман со богати декорации на кои работеле познати уметници од тоа време: Андреа Доменико (познат сликар на декоративно ѕидно сликарство кој учествувал во уредувањето на ентериерот на Стариот двор), Фрањо Валдман и Бора Ковачевиќ.

Поради своите архитектонско-урбанистички и културно-историски вредности зградата на Народниот музеј е прогласена за културно наследство од големо значење за Република Србија (Службен весник СРС бр. 14/79).

Збирки Музејот има збирка од преку 400,000 најрепрезентативни и врвни археолошки и историско-уметнички експонати. Тие се сведителства за познавањето на археологијата и историјата на уметноста. Исто така, сведочат за развојот и цивилизациските промени на подрачјето на денешна Србија и нејзиното опкружување од праисторијата до доцниот среден век. Низ збирките се следат клучните уметнички правци и стилови, врвните уметнички дострели во националната и европска уметност од средниот век па сѐ до современото творештво.

Археолошки збирки Главната колекција се состои од скулптури од Винча (6-5 милениум п.н.е.), како што се Жена од Винча и Лепенски Вир (VII милениум п.н.е.). Исто така, постојат бројни скулптури, оружја, шлемови и други предмети од Стариот Рим, 1005 предмети од Стара Грција и разни предмети од келтско потекло. Највредните парчиња од тој период се Кочиите од Дупља (16 до 13 век п.н.е.), златни маски од Требеништа (6 век п.н.е.), домашни предмети од Јабучје (1 век од н.е.), белградскиот Камео (4 век) и Сребрениот појас со свастика (5 век п.н.е.). Исто така постои и колекција од древниот Египет. Најпознатото дело е редок златен саркофаг и мумија на египетскиот свештеник Несмин.

Нумизматика Нумизматичката колекција има повеќе од 300,000 предмети (монети, медали, прстени, печати). Колекцијата е поделена на десет помали збирки од VI-V век п.н.е., и вклучува колекција на монети ковани од Филип II Македонски (359-336 п.н.е.) и Александар Велики (336-323 п.н.е.). Колекцијата исто така содржи и уникатни предмети: златен медалјон на императорот Валентинијан I, ковани 364 година, сребрени динари од владеењето на кралот Стефан Радослав српски и други.

Средновековна збирка лево|мини|Мирославово евангелие дел од проектот на УНЕСКО - Меморија на Светот.|283x283пкс Музејот, исто така, поседува голема збирка на средновековни артефакти, главно од Европа и Азија. Најважен е илустрираниот ракопис од 362 страници на Мирославово евангелие, напишани во 1186 година во средновековна Србија. Ракописот е внесен во Регистарот на УНЕСКО за Меморија на светот во признавањето на неговата историска вредност. Во колекцијата се наоѓа и саркофагот на Стефан Дечански од XIV век, прстените на српската кралица Теодора (пред 1322) и кралот Стефан Радослав српски (1219-20), мантија на кралот Милутин од 1300-тите, Ода на кнез Лазар - познат вез на Еуфемија од 1402 година, околу 120 икони од 1200-та до 1500 година, вклучувајќи ја и охридската колекција.

Уметничка колекција мини|Дијана го покажува пленот на Пан, од Петер Пол Рубенс, масло на платно 1615.|296x296пкс Збирката цртежи и печатени материјали на меѓународни уметници има 2446 предмети, а Југословенската уметничка колекција содржи повеќе од 6000 предмети, меѓу кои и 1700 слики од српски автори од 18-ти до 19 век и 3000 слики од 20 век. Тука не е вклучена Српската средновековна уметничка колекција. Музејот вклучува српски средновековни, француски, холандски, фламански, италијански, руски, германски, јапонски, кинески (од 1644-1978 година), англиски, шпански, унгарски, романски, бугарски, југословенски и други уметнички колекции. Вкупната колекција брои околу 16,000 слики, графика, цртежи, икони и печати, како и повеќе од 900 скулптури.

Колекцијата на француски мајстори е најзначајниот посед на Народниот музеј на Србија. Се состои од исклучително ретки дела од Матис, Пикасо, Реноар, Руо, Дега, Сезан и други. Повеќето од овие слики биле собрани и донирани од страна на принцот Павле. Ерих Шломовиќ, млад белграѓанец роден на почеток на 20 век, во младоста станал заштитник на најголемиот светски уметнички трговец, Амброз Волард. Поврзаноста го натерала да развие своја сопствена колекција, која опфаќала вкупно 600 дела до 1941 година. Колекцијата Шломовиќ е најголема и најбогата колекција на француската уметност на Балканот, како и една од најубавите во светот.

Италијанска уметничка колекција мини|Богородица со Христос и малиот Св. Јован, му се припишува на Рафаел.|278x278px Италијанската ликовна колекција, која се состои од повеќе од 230 уметнички дела, е позната по тоа што содржи креативни дела од поединечни мајстори и уметнички работилници од 14 до 20 век. Тие вклучуваат дела од Доменико Венецијано, Џовани ди Паоло, Рафаел, Тицијан, Тинторетто, Доменико Робусти, Виторе Карпачо, Лоренцо ди Креди, Гвидо Рени, Спинело Аретино, Франческо Басано Помладиот, Леандро Басано, Џовани Батиста Тјеполо, Каналето, Франческо Гварди, Џулио Карпиони, Андреа Челести, Бијаџио Фаггиони итн. Збирката за графика и гравирање ја вклучува работата на Ботичели, Анибале Каррачи, Џовани Батиста Пиранези, Паоло Веронезе, Амедео Модиљани, Лујџи Онтани, Гуглиелмо Ахил Кавелини, Џузепе Пино Галицио и други.

Истакнати дела во музејот се: Паоло Венециано, Богородица и дете (темпера на панел, в. 1324), Паоло ди Џовани, Богородица со Христос на престолот (триптих 48 x 45 см в. 1390) Лоренцо Венециано, Колевката на детето Исус (темпера - 76.3 x 54.8 см) Џон Ди Паоло, Господ и три анѓели (темпера54 х 27 см) Рафаел (му се припишува), Богородица со Христос и мали Св. Јован, 114x116cm Андреа Солари, Христос е човек Лоренцо ди Креди, Обожувањето (д: 96 см - темпера, в. 1500) Виторе Карпачио, Светиот Аџија (110x37cm-дел од полиптих) и Св. Себастијан (108 x 36 см - 1495 - дел од полиптих) Тициан, Портретот на Никола Викариус (платно 200x100cm), Портрет на Кралицата Кристина на Данска (масло на платно - 110 x 83 см)