Валкан танц (англиски: Dirty Dancing) е американски романтичен филм од 1987 година. Напишан од Еленор Бергстејн и во режија на Емил Ардолино, во филмот како главни улоги се појавуваат Патрик Свејзи и Џенифер Греј, како и Синтија Роудс и Џери Орбах. Приказната е драма за созревање, која го прикажува созревањето на една тинејџерка преку врска со инструктор по танц на кој таа налетува за време на семејниот летен одмор.
Првично, нискобуџетен филм од нова продуцентска компанија, Great American Films Limited Partnership, и без големи ѕвезди (освен легендата на Бродвеј Џери Орбах во споредна улога), Валкан танц станал огромен хит во билетарниците. До 2009 година заработил над 214 милиони долари ширум светот. Тој е првиот филм кој се продал во повеќе од милион копии како домашно видео, а саундтракот за Валкан танц вродил два мулти-платинести албуми и многу синглови вклучувајќи го „(I've Had) The Time of My Life“, кој ги освоил наградите Златен Глобус и наградата од Академијата за најдобра оригинална песна и Греми наградата за најдобар дует. Филмот во 2004 година иницира негов римејк, „Dirty Dancing: Havana Nights“, како и негова театарска верзија која со својата изведба била распродадена во Австралија, Европа, Северна Америка, со планови да се појави и на Бродвеј. На 8 август 2011 година бил најавен римејк на „Валкан танц“ со Кени Ортега како режисер, кој претходно бил кореограф на оригиналниот филм. Сепак, на 8 јуни 2012 година, Лајонсгејт објавиле дека го одложуваат римејкот. Наведувајќи го доделувањето на улогите како причина, римејкот е тргнат од распоредот на студиото и одложен за најкасно до 2014 година и бил закажан да се издаде во јули 2013 година.
Содржина Летото, 1963 година, 17-годишната Френсис “Бејби” Хаусман (Греј) од Њујорк заминува на годишен одмор со нејзиното богато семејство во Келерман, одморалиште на планините Кетскил. Бејби планира да студира на колеџот Маунт Холиоки за да ја изучува економијата на неразвиените земји и за подоцна да влезе во Мировните мисии. Таа е именувана по Френсис Перкинс, првата жена на кабинетот во САД. Нејзиниот татко, д-р Џејк Хаусмен (Орбах) е личен лекар на Макс Келерман (Џек Вестон), сопственикот на одморалиштето. Бејби се заљубува во Џони Кесл (Свејзи) инструкторот по танц во одморалиштето, одговорен на персоналот задолжен за забавата.
Додека му носи лубеница на Били (братучедот на Џони Кесл), Бејби е поканета на една од тајните забави на персоналот по работното време и го набљудува „валканиот танц“ (т.е. Мамбото) за првпат. Таа е заинтригирана од секси танцот и добива краток импровизиран час. Подоцна, Бејби открива дека партнерката на Џони, Пени Џонсон (Роудс) е бремена од Роби Гулд (Макс Кантор), келнер кој е женкар и кој се забавува (и кој ја изневерува) сестрата на Бејби, Лиса. Бејби дознава дека Роби не планира да направи ништо во врска со бременоста (како што тој вели „некои луѓе бројат/сметаат, некои не“), па Бејби обезбедува пари од нејзиниот татко за да го плати нелегалениот абортус на Пени. Џејк се согласува да ѝ ги даде парите на Бејби и покрај нејзината таинственост во врска со тоа за што ќе бидат искористени заради довербата која Џејк секогаш ја имал во неа. Во нејзините обиди да помогне, Бејби исто така станува замена-танчер на Пени за важна изведба на Шелдрјек, блиско одморалиште каде што Џони и Пени настапуваат годишно. Престојното шоу бара од Џони да ја подготви Бејби да ја научи потребната рутина.
Додека Џони ја учи Бејби да танцува се разгоруваат страстите и почнува да се развива романса. Нивната изведба на Шелдрок се одвива прилично добро, иако Бејби е премногу нервозна за да го изведе подигнувањето што претставува кулминација на танцот.
Кога ќе се вратат во Келерман тие дознаваат дека нелегалниот абортус на Пени бил неуспешен, оставајќи ја во очајничка болка. Бејби го доведува татко ѝ да и помогне, но тој погрешно го толкува одговорот на Џони на прашањето кој тој го поставува додека ја лекува Пени, со тоа што верува дека Џони е тој што ја забременил.
Поради тоа, откако Џејк ќе и го спаси животот на Пени, тој и забранува на Бејби да има било што со Џони или со неговите пријатели. Џејк е бесен на Бејби поради тоа што го лажела и ја изневерила неговата доверба. Сепак, Бејби се искрадува и го посетува Џони во неговата соба истата вечер каде што ја заокружуваат нивната романса во развој со интимен танц. Врската на Џони и Бејби најпосле се обелоденува откако Џони е обвинет за кражба на паричник на еден од гостите во одморалиштето и не е во состојба да даде веродостојно алиби. За да спречи Џони да биде отпуштен, Бејби признава дека Џони не би можел да биде одговорен бидејќи таа вечер била со него во неговата кабина. Иако Џони е ослободен од обвинението, Макс сепак го отпушта Џони поради непочитување на забраната да има афера со гостите. Несебичната постапка на Бејби го инспирира Џони да сфати дека „постојат луѓе кои се спремни да застанат во одбрана на другите без разлика што тоа ќе ги чини“.
На финалното шоу за таленти на сезоната, Џејк му дава на Роби чек за да и помогне да ги подмири трошоците на медицинското училиште. Тогаш Роби доброволно признава дека ја забременил Пени и ја навредува, по што Џејк луто му го зграпчува ковертот. Исто така, на изненадување на сите, иако Џони е отпуштен и ја има напуштено зградата, тој се враќа во одморалиштето за да го изведе последниот танц на сезоната со Бејби, критикувајќи ги семејството Хаусман поради нивниот избор за тоа каде Бејби да седи на масата, Џони ја изјавува сега веќе познатата линија, „Никој не ја ства Бејби во ќош“, додека ја повлекува од нивната маса. Тој ја води на бината прекинувајќи го веќе започнатото шоу.
Откако Џони ќе направи краток говор за тоа како „Френсис“ го направила подобар човек, тој и Бејби ја маѓепсуваат публиката со фантастичен танц на песната „(I've Had) The Time of My Life“, која завршува со успешното подигање на Бејби за првпат. По танцот, Џејк му се извинува на Џони и му признава дека згрешил што го напаѓал дека ја вовлекол Пени во неволја. Џејк исто така ја фали Бејби за нејзиното танцување. Филмот завршува така што танцот продолжува и собата се претвора во ноќен клуб, каде што сите (вработени и гости) танцуваат заедно.
Улоги Џенифер Греј како Френсис “Бејби” Хаусмaн Патрик Свејзи како Џони Кесл Џери Орбах како Д-р Џејк Хаусмaн Кели Бишоп како Марџори Хаусмaн Џејн Брукер како Лиса Хаусмaн Синтија Роудс како Пени Џонсон Џек Вестон како Макс Келерман Макс Кентор како Роби Гулт Лони Прајс како Нил Келерман Чарлс Колс како Тито Суарез Нил Џонс како Били Костецки
Продукција
Пред-продукција Валкан танц, во голем дел е заснован на личното детство на сценаристката Еленор Бергстејн. Таа е најмладата ќерка на еврејски доктор од Њујорк која ги поминувала летата со нејзиното семејство во Кетскилс, која учествувала на натпревари за „Валкан танц“ и која како девојче се нарекувала Бејби. Во 1980 година, Бергстејн го напишала сценариото за филмот на Мајкл Даглас, It's My Turn. Сепак, продуцентите, исекле еротска сцена со танцување од сценариото што многу ја разочарало. Подоцна таа смислила нова приказна фокусирана исклучително на танцување. Во 1984 година ја пренела идејата на директорката на Ем-џи-ем Ајлин Мисел на која и се допаднала идејата и ги споила Бергстејн со продуцентката Линда Готлиб.
Тие го снимиле филмот во 1963 година со ликот на Бејби, заснован на личниот живот на Бергстејн и ликот на Џони, заснован на приказните на Мајкл Терас, инструктор по танцување кој Бергстејн го запознала во Кетскилс во 1985 година, додека ја истражувала приказната. Таа го завршила сценариото во ноември 1985 година, но промените во управата на Ем-џи-ем го ставаат сценариото во пресврт, односно лимбо. Бергстејн тогаш го нуди сценариото по други студија, но е постојано одбивана сè додека не го донела во Вестрон Пикчрс, новооформената подружница на студиото Вестрон Инк. со седиште во Стенфорд, Конектикат, водечката независна компанија за домашна видео дистрибуција. Додека ја усовршувале својата понуда за Вестрон, Готлиб и Бергстејн за режисер на филмот го одбрале Емил Ардолино, кој ја освоил наградата од академијата во 1983 за документарецот, „Тој ми буди желба за танц“. Ардолино никогаш не режирал долгометражен филм, но бил екстремно возбуден за проектот, па дури пратил и порака од онаму каде што бил изолиран заради поротничка должност, инсистирајќи дека тој е правиот избор за режисер.
Тимот Готлиб, Бергстејн и Ардолино потоа ја презентирале нивната визија за филмот пред претседателот Вестрон, Џон Пејсинџер, и нивниот потпретседател за продукција, Мичел Канолд. До крајот на состанокот Пејсинџер дал „зелено светло“ за проектот, и тој станал првиот долгометражен проект на Вестрон продукцијата. Одобрениот филм бил финансиран со релативно низок износ од 5 милони долари, во време кога просечните трошоци за филм биле 12 милиони долари.
За кореограф, Бергстејн го одбира Кени Ортега, кој бил обучуван од легендарниот танчер Џин Кели. За локација на филмот не нашле погодно место во Кетскилс (многу од одморалиштата биле затворени во тоа време), па затоа се одлучиле за комбинација на две локации: езерото Лур во Северна Каролина, и Mountain Lake хотелот во Роаноук, Вирџинија, со внимателно уредување за да изгледа дека снимањето е остварено во иста област.
Улоги Режисерот Ардолино бил непопустлив да се одберат танчери кои знаат и да глумат, и не сакал да го користи „стенд-ин“ методот, кој бил користен во филмот Флешденс од 1983 година. За главната женска улога на Френсис „Бејби“ Хаусман, Бергстејн ја одбрала 26 годишната Џенифер Греј, ќерка на глумецот и танчерот Џоел Греј, добитник на Оскар за филмот Кабаре од 1972 година, која исто како и татко и била обучена танчерка. Потоа тие барале машка главна улога, првично размислувајќи за 20 годишниот Били Зејн, кој го имал саканиот визуелен изглед (првично ликот на Џони требало да биде Италијанец и да има темен егзотичен изглед), но почетните танцувачки тестови кога играл со Греј како партнер не ги исполниле очекувањата. Следен избор бил 34 годишниот Патрик Свејзи, кој бил забележан по неговите улоги во The Outsiders и Red Dawn, во кој глуми покрај Греј. Тој бил сезонски танчер со искуство од балетот Џофри. Продуцентите биле одушевени од него, но неговиот агент бил против таа идеја. Сепак, тој го прочитал сценариото, му се допаднал повеќеслојниот лик на Џони и ја прифатил улогата и Џони бил сменет од Италијанец во Ирец. Греј не била среќна од изборот, бидејќи таа и Свејзи тешко се сложувале во Red Dawn, но кога го извеле танцот на аудицијата, хемијата помеѓу нив била очигледна. Бергстејн ја опишува како „неверојатна“.
Другите избори на улоги биле Бродвејскиот глумец Џери Орбах како Д-р Џејк Хаусман, татко на Бејби; и Џејн Брукер како Лиза Хаусман, нејзината постара сестра. Бергстејн пробала да ѝ даде улога на нејзината пријателка, секс терапевтот, Д-р Рут Вестхајмер и да ја игра Г-ѓа Шумахер, и Џоел Греј како нејзин сопруг. Сепак, Вестхајмер се повлекла откако дознала дека дека нејзината улога вклучува и крадење. Улогата и се доделила на 79 годишната Паола Труман, а Греј не бил избран. Друга улога оди кај „Cousin Brucie“, радио лице од Њујорк и пријател на Бергстејн. Таа првенствено сакала тој да ја игра улогата на социјалниот директор, но подоцна го замолува да ја игра улогата на магионичарот. Улогата на социјалниот директор оди кај тогаш непознатиот Вејн Најт (подоцна познат по шоуата Сајнфелд и Третиот камен од сонцето). Улогата на мајката на Бејби првенствено била доделена на Лин Липтон, која се појавува на кратко во почетокот на филмот кога фамилијата Хаусман се паркира во Келерман Хотелот (таа е на предното седиште неколку секунди; нејзината руса коса е единствен доказ). Се разболува првата недела од снимањето и е заменета со глумицата Кели Бишоп, која веќе била избрана да ја глуми Вивиан Пресман, сексуално загреаната гостинка во одморалиштето. Бишоп ја презела улогата на Г-ѓа Хаусман, а аситентката на кореографијата на филмот, Миранда Герисон ја зела улогата на Вивиан.
Снимањето