Михаел Лаудруп (роден во Фредериксберг, на 15 јуни 1964) — дански фудбалски тренер и поранешен фудбалер.
Клупска кариера Почетоци Лаудруп почнал да тренира фудбал многу рано во клубот Ванлосе. Кога имал 13 години во 1977 неговиот татко Фин го однел Михаел во Амстердам на проби во тимот на Ајакс. Тој ги поминал сите проби, но во меѓувреме неговиот татко се предомислил. Тој сметал дека одењето во академијата на Ајакс бил преран потег, и дека на тој начин Михаел би требало да тргне по потешкиот пат во развивањето на неговата кариера. Инаку, неговиот татко Фин Лаудруп исто така бил дански фудбалски репрезентативец.
Исто како и неговиот татко и мајката на Лаудруп била репрезентативка на Данска, но во ракомет. Така, Михаел и неговиот помлад брат Брајан само ја продолжиле лозата во ова спортско семејство. Откако се вратил во Данска, поминал три години во академијата на Брондби, а потоа се преселил во КБ Копенхаген како би можел што порано да заигра на сениорско ниво. Тој забележил 14 и постигнал 3 гола за КБ во 1981 година, по што се вратил повторно во Брондби во 1982 година.
Неговиот талент бил евидентен уште од рана возраст. Па така, токму на денот на својот 18-ти роденден, 15 јуни 1982, Лаудруп дебитирал во репрезентацијата на Данска.
Јувентус и Лацио На самото деби за својата репрезентација, Лаудруп бил стрелец на единствениот погодок во победата над Норвешка. Истата 1982 година тој бил прогласен за најдобар фудбалер во Данска. Со помош на славниот дански фудбалер Џон Хансен, во 1983 Лаудруп потпишал за Јувентус, за во тоа време рекордна трансфер сума платена за еден дански фудбалер.
Бидејќи во тоа време италијанските клубови имале квота да во својте состави имаат само двајца странци, Лаудруп бил премногу млад за да ги истисне од тимот тогашните ѕвезди на Јуве Мишел Платини и Збигњев Боњек, па бил позајмен на римски Лацио на една година. Како фудбалер на Лацио, тој постигнал два гола на неговото деби во Серија А, но тие не помогнале бидејќи Лацио бил поразен со 2-4 од Верона. Неговата прва сезона во клубот не била многу успешна, а Лацио едвај успеал да избегне испаѓање од лигата. Пред почетокот на следната сезона, од Јувентус најавиле дека сакаат да ги задржат во својте редови Боњек и Платини, и Лаудруп морал да остане во Рим уште една година. Сезоната 1984-85 за Лацио започнала уште полошо од претходната, и тие завршиле залепени на дното на табелата и како последни испаднале во Серија Б, а Лаудруп постигнал само една погодок во текот на целата таа сезона.
Во летото 1985, Михаел се вратил во Јувентус за да го замени Збигњев Боњек кој преминал во редовите на Рома, играјќи заедно со Мишел Платини таа сезона. Во неговата прва сезона во клубот (1985-1986), тој ја освоил Серија А, како и Интерконтиненталниот куп, и со тоа Лаудруп уште еднаш бил прогласен за Дански фудбалер на годината (во 1985 година). Следната сезона не му донела многу успех на Лаудруп, кој заработил неколку повреди, и во тој поглед бил многу сличен со мнозинството играчи на Јувентус, вклучувајќи го и Платини. Кога Платини се пензионирал во 1987 година, очекувањата во клубот биле дека Лаудруп е способен да го води тимот на неговото место, играјќи напред заедно со новото засилување велшкиот напаѓач Јан Раш. Но, 23-годишниот Лаудруп во тоа време никогаш не успеал да ги достигне стандардите на Платини, а покрај тоа тој неуспеал да постигне ниту еден гол, и покрај играат тоа што ги одиграл сите 30 натпревари во сезоната 1987-1988. Неговата последна сезона во клубот била далеку подобра од претходната и со неа успеал да се искупи за неколкуте претходни слаби сезони. Играјќи како лево крило тој постигнал 6 гола во Серија А, два во купот на Италија и три во Европа, но сето тоа не било доволно да се освои ниту еден трофеј.
Барселона За време на периодот кога Јохан Кроиф во Барселона го создавал својот "dream team" Лаудруп бил едно од првите засилувања и неговото решение за креативноста во тимот. Тој бил еден од трите странци во овој супер-тим покрај Роналд Куман и Христо Стоичков, а покрај нив Кроиф во тимот ги вклучил и младите таленти Гвардиола, Бакеро и Бегиристаин. Како резултат на ова, Барселона многу брзо станала доминантна сила во Шпанија, а и во Европа, и Лаудруп уживал во освојувањето на 4 едноподруго титули во шпанската лига, а во 1992 го освоил и најголемиот трофеј во европскиот клупски фудбал-Европскиот куп. Во годините 1992 и 1993 тој бил избран за најдобар играч на Примера. Најголемата грешка во овој период Лаудруп ја направил, кога заедно со својот брат и соиграчот од репрезентацијата Јан Молби одлучиле да не играат на Евро 1992 заради несогласувања со селекторот, првенство на кое Данска станала шампион. По завршувањето на сезоната 1993-94 Кроиф решил да се ослободи од Лаудруп што било прифатено со голем револт кај навивачите.
Реал Мадрид Во летото 1994 Лаудруп направил контроверзен трансфер преошајќи во редовите на лутиот соперник на Барселона Реал Мадрид. Набргу потоа, Реал станува најсилен тим во Шпанија. Со него во тимот Барселона во 1994 година го победила Реал со 5-0, но во 1995 Реал со Лаудруп во својот состав бил подобар од Барса со истите 5-0. По завршувањето на Европското прваенство во Англија 1996, Лаудруп кој веќе бил на возраст од 32 години донел одлука да го напушти европскиот фудбал и да се пресели на исток.
Крај на кариерата Пред почетокот на сезоната 1996-1997 Лаудруп стигнал во Јапонија каде потпишал за Висел Кобе. По една сезона во Кобе, тој се вратил во Европа за да ја заврши својата кариера играјќи една сезона за Ајакс.
Всушност, последниот голем настан на кој настапувал Михаел Лаудруп било Светското првенство 1998 година, на кое неговата репрезентација стигнала до четвртфиналето, а самиот тој бил избран во тимот на првенството.
Тренерска кариера Лаудруп ја почнал неговата тренерска кариера во 2000 година како помошник тренер во Данската репрезентација. После тоа го водел Брондби четири сезони. Во сеоната 2007-08 го презел шпанскиот Хетафе, но на тоа место се задржал само една сезона како што било случај и со неговиот следен клуб рускиот Спартак Москва, а во сезоната 2010-2011 ја водел Мајорка.
На 15 јуни 2012 година, тој бил назначен за менаџер на Свонзи Сити потпишувајќи две-годишен договор. Неговиот прв официјален натпревар како менаџер на Свонзи бил импресивната победа со 5-0 победа на Лофтус Роуд над Квинс Парк Ренџерс. Одбранбениот играч на Свонзи, Алан Тејт изјавил дека смета како Лаудруп е најдобриот човек за тренирање на играчи и покрај возраста од 48 години.
Титули како играч Јувентус Серија А : 1985-86 Интерконтинентален куп : 1985 Барселона Ла лига: 1990-91, 1991-92, 1992-93, 1993-94 Копа дел Реј: 1990 Шпански Супер куп: 1991, 1992 Европски куп : 1991-92 Суперкуп на Европа: 1992 Реал Мадрид Ла лига : 1994-95 Ајакс Ередивизие : 1997-98 КНВБ куп : 1998 Данска репрезентација ФИФА Куп на конфедерации : 1995
како тренер Брондби Данска Супер лига: 2004-05 Дански фудбалски куп: 2002-03, 2004-05 Дански Суперкуп: 2001-02, 2004-05
Хетафе Копа дел Реј : 2007-08-финалист
Надворешни врски
BDFutbol играчки профил BDFutbol менаџерски профил Профил на Transfermarkt Михаел Лаудруп во Реал Мадрид Брондби профил Профил во данската репрезентација
Михаел Лаудруп на World Football
Категорија:Живи луѓе Категорија:Дански фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Лацио Категорија:Фудбалери на ФК Јувентус Категорија:Фудбалери на ФК Барселона Категорија:Фудбалери на ФК Реал Мадрид Категорија:Фудбалери во Серија А Категорија:Дански фудбалски тренери Категорија:Тренери од Премиер-лигата Категорија:Тренери на ФК Спартак Москва Категорија:ФИФА 100 Категорија:Родени во 1964 година