Струмичко-радовишка Котлина — котлина во југоисточниот дел на Македонија, по горниот и средниот дел од сливот на река Струмица, во подрачјата околу градовите Струмица и Радовиш. Зафаќа површина од 1.482 км2, а надморската височина се движи од 200 метри до 1.881 метри.
Настанок
Котлината е настаната тектонски, со спуштање на земјиштето долж раседните линии помеѓу планините Беласица на југ, Огражден, Плачковица и Готен на север и Плауш и Смрдеш на запад.
Опис
Котлината се дели на три дела: Струмичко, Радовишко и Дамјанско Поле. Рамничарскиот дел има должина од 200 до 500 метри и зафаќа површина од 29.000 ха (290 км2). Највисоко е Дамјанското Поле, а најниско е Струмичкото.
На север, кон планината Огражден најдолниот дел од котлината се извишува. На запад котлината е поврзана со малите полиња Попчевско и Костуринско по долината на Бела и Тркајна Река. На исток Струмичко Поле се стеснува и источно од Ново Село, помеѓу Беласица и Огражден, широчината е околу 2 километри, за потоа реката Струмица преку Клучната Теснина да навлезе во Петричката Котлина (Пиринска Македонија).
По целата должина во подножјето на планините се наоѓаат фосилизирани дилувијални наноси, на кои се наоѓаат повеќе села и двете града: Струмица и Радовиш.
Стопанство
Котлината дава високи приноси на раноградинарски култури благодарение на изградените системи за наводнување. Од особено значење е Струмичкото Поле, кое е мошне плодно и богато.
Галерија
Поврзано Носии од Радовишко Поле и Струмичко Поле Струмичко Поле Југоисточна Македонија Струмица (река) Радовишка Река
Наводи
Категорија:Географија на Струмица Категорија:Географија на Радовиш Категорија:Котлини во Македонија