Планинарската инфраструктура во Република Македонија (планинарски патеки и планинарски градби) овозможува безбедно движење и престој на планина за посетителите на планините од земјата и од странство. Долгогодишното искуство покажува дека без грижа за планинарската инфраструктура, спортските активности во природа нема да постојат. Планините веќе не се цел само на планинарите, туку и на спортисти, излетници и рекреативци, кои не се членови на планинарски клубови, а ја користат планинарската инфраструктура и очекуваат висок квалитет, не размислувајќи притоа кој и со кои средства и капацитет се грижи за таа инфраструктура.
Локацијата на планинарските градби, високите трошоци за одржување, нерешениот имотно-правен статус, оддалеченоста од комуналната инфраструктура, незаинтересираноста на државата да го регулира нивното функционирање, слабата финансиска моќ на Федерацијата за планинарство на Македонија (ФПСМ) и на планинарските клубови, се дел од проблемите поврзани со планинарските градби.
Сѐ уште не е изнајдено оптимално решение за нормално функционирање на планинарските градбикое, од една страна, би ја вреднувало незаменливата улога на планинарските клубови и на ФПСМ во функционирањето на планинарските градби и, од друга страна, би придонело за ставање на градбите во функција на развој на планинарството и туризмот во државата.
Историја на планинарските градби во Република Македонија
На почетокот од XX век Планинарството на овие простори почнува да се развива на почетокот од ХХ век, прво во рамките на Отоманската Империја, а потоа во рамките на Кралството Југославија. За време на Отоманската Империја, во 1908 година, во Прилеп постоело „Излетничко – планинарско друштво“, од кое, во 1924 година, на иницијатива на студенти кои се школувале низ Европа и од месни жители: Рампо Топчија, Круме Гулески, Мицко Крстески, Методија Мечка, Ѓоре Бојаџиев и други, било создадено друштвото „Златоврв“. Во првите години од неговото неформално постоење, бидејќи немале пишани правила за работа и не го пријавиле Друштвото во околиското начелство, членовите двапати биле казнети. Во 1927 година Друштвото добило статут и управа на чело со Рампо Топчија, и Ѓоре Мирчески, секретар и благајник, соодветно. На почеток во друштвото членувале 60-ина луѓе, а потоа бројот се зголемил до 150 луѓе, од кои 30-ина биле жени. Во одобрението за работа пишувало „Туристичко друштво Златоврв – Прилеп“, а на печатот стоело: Друштво за унапредување на туризмот „Златоврв“, со амблем цвеќе рунолист. Во друштвото имало повеќе секции: спелеолошка, алпинистичка, фотоаматерска, театарска. Членовите биле обучувани да палат оган, да поставуваат шатори, да се ориентираат по карти и други планинарски вештини. Планинарското друштво било активно и организирало активности речиси секој викенд или празник, а најпосетувани биле местата: Дервен, Крушевската Планина, демирхисарските планини, Пелистер, Солунска Глава. Финансиски, друштвото функционирало од членарини и приходи од приредби, игранки и сл. На 19 декември 1938 година во Прилеп било создадено друштвото „Београд – Подружница Козјак – Прилеп“, на чело со Методија Тројачанец и секретарот Киро Најчески, кое постоело до почетокот на Втората светска војна.
Во 1925 година биле создадени планинарските друштва „Пелагонија“ во Битола, „Бистра“ во Кичево и „Љуботен“ во Тетово. На 23 март 1925 година во Тетово било создадено планинарското друштво „Љуботен“, со што започнуваат организираните искачувања на Шар Планина. По изградбата на планинарските домови на Љуботен во 1931 година и на Попова Шапка во 1934 година, во кои интензивно учествувале членовите на планинарското друштво, планинарските активности на Шар Планина стануваат многубројни. Во 1934 година, на иницијатива на членови на друштвото, било извршено преименување на врвот Турчин во Александров Врв. Пионери на планинарството во Тетово биле: Орестие Крстиќ - тогашен градоначалник на Тетово, Кочо Богоевиќ, Диме Јовановски-Флејта, Никола Николоски-Коларот, Александар Исаевски-Мошо, Никола Гугучев, Микле Најденов, Илко Грнчаровски и други.
Во рамките на Кралството Југославија, планинари се искачувале на врвови на Шар Планина, Пелистер, Галичица и Кораб. Од 3 до 9 април 1933 година, 18-члена експедиција составена од искусни планинари и скијачи од регионите на денешните Словенија, Хрватска и Србија, и двајца месни носачи, тргнале од Љуботен, по сртот на Шар Планина, успешно завршувајќи ја експедицијата со искачување на Голем Кораб.
Непосредно пред Втората светска војна, на територијата на денешна Македонија, имало 3 планинарски дома со вкупно 65 легла. Во исто време, на териториите на денешна Словенија имало 64 планинарски дома, во Босна и Херцеговина 38; во Хрватска 28; а во Србија 11.
По Втората светска војна
Во декември 1944 година, иако територијата на Македонија сѐ уште не била ослободена, на иницијатива на скопски планинари и ентузијасти било создадено Скопското планинарско друштво, чии претседател и потпретседател биле генерал-полковникот Михајло Апостолски и Божидар „Даре“ Џамбаз, соодветно, кое подоцна било преименувано во ПД „Скопје – Матица“. Во наредниот период во Скопје биле создадени 30-ина планинарски друштва, првично како секции во ПД „Скопје – Матица“. ПД „Скопје – Матица“ било иницијатор и за создавање на Планинарскиот сојуз на Град Скопје, изградило сопствен дом на планината Китка, а помогнало и во градењето на планинарските домови на Караџица, на долно и средно Водно, како и во обновата на домовите на Шар Планина.
Со Уредба на Министерството за просвета на Народна Република Македонија, во 1945 година бил создаден Иницијативен фискултурен одбор на Македонија, кој во 1946 година се преименувал во Фискултурен одбор на Македонија со повеќе спортски одбори, меѓу кои и Одбор за планинарство. Планинарскиот сојуз на Народна Република Македонија (ПСМ) бил создаден во 1948 година како општествена организација, така што и дотогашните, но и новоизградените планинарски градби биле со истиот статус.
Во 1945 година во Битола, на иницијатива од Борис Алтипармак и други жители од Битола, било создадено Планинарското друштво „Пелистер“, по чиј проглас се зачлениле околу 2.000 битолчани. Во 1946 година Друштвото ја обновило планинарската куќа „Бегова чешма“ на Пелистер и ја обележало патеката до неа. Во 1947 година, во Битола било создадено самостојното Планинарско друштво „Пелистер“, со 550 члена, кое до крајот на истата година го довршило планинарскиот дом „Копанки“, а учествувало и во изградбата на планинарскиот дом на Големо Езеро, кој бил ставен во употреба во 1953 година. Во Битола било создадено планинарското друштво „Ѓорѓи Наумов“ при Фабриката за фрижидери. Во 1947 година во Крушево било создадено ПД „Мечкин Камен“, кое го изградило планинарскиот дом на Бушева Планина; на Попова Шапка било одржано Собрание на кое било возобновено Планинарското друштво „Љуботен“. Со помош на ПСМ ги обновиле и ги уредиле планинарските домови на Попова Шапка и Љуботен кои во текот на Втората светска војна биле разурнати, со што започнува повторно организирање на планинарски акции со зголемено учество, како и први зимски искачувања на Шара; ПСМ почнал со градење на Планинарскиот дом „Караџица“ на 1.450 м на планината Јакупица-Мумџица, кој бил пуштен во употреба во 1950 година; во Прилеп биле создадени планинарските друштва: „Црвени Стени“, „Добрички Завој“ и „Козјак“, кои во 1951 година се обединиле во едно друштво „Козјак“; во Велес, на иницијатива на велешките планинари и на ПСМ, било создадено планинарското друштво „Солунска Глава“, кое со помош на ПСМ почнало да го гради Планинарскиот дом „Чеплез“, во кој во 1952 година, со поддршка од ПСМ, бил организиран слет на планинари од цела Југославија.
Најголем дел од планинарските градби во нашата држава биле изградени во периодот по Втората светска војна, поточно, од 1950 до 1958 година. Во 1950 година ПСМ започнал со изградба на планинарскиот дом „Висока Чука“ на 1.100 м на планината Кожуф, во близина на Гевгелија. Поради негрижа, домот е разрушен; бил изграден планинарскиот дом „Бегово“ на 2.050 м на планинскиот масив Јакупица, но поради негрижа, целосно е разрушен; ПСМ формирал горска служба за спасување, организирал курсеви за оспособување кадри, обележувал планинарски патеки, организирал натпревари за ориентација, планинарски тури, слетови, алпинистички и спелеолошки експедиции, учествувал во носење на штафетата на младоста итн.
Во 1951 година започнале активностите за изградба на планинарскиот дом „Дервен“, кој бил завршен во 1954 година. Во 1952 година ПСМ го изградил Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на 1.060 м, под врвот на планината Водно. Во 60-тите години на минатиот век ПСМ купил куќа во селото Горно Водно (сега иселено) и ја реновирал во планинарски дом, денешен „Јосип Станчиќ“. Во 1953 година бил изграден Домот „Љуботен“ на 1.623 м, под врвот Љуботен, на Шар Планина; ПСМ го изградил планинарскиот дом „Јелак“ на 1.840 м на Шар Планина, на 2,5 км од зимското скијалиште Попова Шапка, кој за време на воениот конфликт во 2001 година бил целосно срушен; бил пуштен во употреба домот „Големо Езеро“ на 2.218 м на Баба Планина.
Во 1954 година бил изграден Планинарскиот дом „Неолица“ на Пелистер. Во 1955 година, ПСМ започнал со изградба на планинарска кула на Титов Врв, на 2.747 м, на Шар Планина, која денес е симбол на планинарството; ПСМ го пуштил во употреба домот „Горно Водно“, денешната градба „Шест чешми“. Од 1956 година градбата која служела за сместување на работниците што ја граделе браната на езерото Матка почнал да биде користен како планинарски дом.
Во 1957 година, во рамките на тогашна Федеративна Народна Република Југославија, имало вкупно 304 планинарски дома, со вкупно 4.541 легло. Во Словенија имало 138 дома, 61 во Србија, 43 во Хрватска, 33 во Босна и Херцеговина, 22 во Македонија и 7 во Црна Гора. Во 22 дома во Македонија имало вкупно 846 легла, од кои 521 биле групни легла и 325 биле посебни. Пет од 22. дома се наоѓале над 2.000 метри надморска височина; 8 биле меѓу 1.500 и 2.000 метри; 6 меѓу 1.000 и 1.500 метри; а 3 дома до 1.000 метри. Планинарските градби биле: дом „Љуботен“ (1.540 м.) под врвот Љуботен со 51 групно легло, дом „Попова Шапка“ (1.785 м) со 180 кревети, дом „Јелак“ (1.830 м) со 40 групни легла, прифатна куќа „Пирибег“ (1.700 м) со 20 групни легла, прифатна куќа „Црни Врв“ (2.560 м) со 20 легла во една соба, прифатна куќа „Џинибег“ (2.280 м) со 20 легла, прифатна куќа под Титов Врв (2.329 м) со 20 групни легла, Кулата на Титов Врв (2.760 м) со 10 легла во две соби, сите на Шар Планина; дом „Горно Водно“ (720 м) со 10 кревети и дом „Врв Водно“ (1.067 м) со 48 кревети во групни соби на планината Водно; Дом „Матка“ (380 м) со 22 кревети на Сува Гора; дом „Караџица“ (1.500 м) со 48 кревети на Караџица; дом „Чеплез – Нежиловски стени“ (1.430 м) со 36 групни легла и прифатна куќа „Бегови Вирови“ (1.952 м) со 20 групни легла на планината Караџица; дом „Бушова Чешма“ (1.600 м) со 24 кревети на Бушева Планина; дом „Дервен“ (1.118 м) со 20 кревети во 10 соби на планината Бабуна; куќа на Врткова Ливада (963 м) со 10 кревети на планината Мариово; дом „Висока Чука“ (1.244 м) со 35 кревети во 8 соби и 40 групни легла на планината Кожув; дом „Копанки“ (1.610 м) со 35 групни легла, дом „Бегова Чешма“ (1.430 м) со 50 групни легла, дом „Големо Езеро“ (2.218 м) со 56 кревети на Баба Планина; дом „Кадиица“ (1.650 м) со 331 групно легло на планината Влаина.