Во граматиката, придавка е збор чија главна синтаксичка улога е да ги модифицира именките или заменките, давајќи повеќе информации за именката или заменката. Класичната дефиниција за придавките е дека тие се всушност зборови кои ги означуваат особините на предметите и појавите.

Видови придавки

1. Описни (квалитативни) придавки означуваат својство што се открива во предметот како таков, без поврзување со некој друг предмет.

На пр.: добар, убав, мирен (коњ)

2. Односните (релативни) придавки означуваат својства што упатуваат на некој друг предмет.

На пр.: манастирски (се однесува, упатува на манастир) коњ.

3. Бројните придавки го означуваат односот на предметите по ред.

На пр.: прв, втор (коњ)

4. Заменските придавки се изведени од заменки и многу наликуваат на нив.

Разликуваме:

а) Присвојни заменски придавки

мој, моја, мое; мои; наш, наша, наше; наши твој, твоја, твое; твои; ваш, ваша, ваше; ваши негов, негова, негово; негови; нејзин, нејзина, нејзино; нејзини. нивни, нивна, нивни; нивни како и: свој, своја, свое; свои

б) Заменски придавки со показно и качествено значење

ваков, ваква, вакво; вакви таков, таква, такво; такви каков, каква, какво; какви; онаков, онаква, онакво; онакви; секаков, секаква, секакво; секакви; некаков, некаква, некакво; некакви; никаков, никаква, никакво; никакви; толкав, толкава, толкаво; толкави; колкав, колкава, колкаво; колкави; олкав, олкава, олкаво; олкави; онолкав, онолкава, онолкаво; онолкави; сиот, сета, сето; сите; сам, сама, само; сами; ист, иста, исто; исти; друг, друга, друго; други.

Граматички категории кај придавките

Бидејќи основната служба на придавката е да ја определува именката, таа од неа ги добива и своите граматички обележја. Придавката ги има истите граматички категории како именката: род, број и определеност.

1. Родот кај придавките може да биде машки, женски и среден и зависи од именката до која стои. Односно, ако именката е од машки род, тогаш придавката ќе се прилагоди и ќе биде во машки род (дрвен стол), ако именката е од женски род и придавката ќе го преземе женскиот род (дрвена маса), а ако е од среден род и придавката ќе биде во среден род (дрвено столче).

Родот кај придавката е променлив во зависност од именката која ја определува.

На пр.: м.р. - добар човек; ж.р. - добра жена; ср.р. - добро дете.

(Најлесен начин за определување и разликување на придавките од именките е родот. Кај именките тој е непроменлив, а кај придавките се менува.

На пр.: работливост - женски род кој не може да се промени (таа работливост); значи е именка; работлив - машки род, но можеме да го промениме - работлива - женски род; работливо - среден род; значи е придавка.)

2. Бројот кај придавките исто така зависи од бројот на именката што ја определува. Придавките имаат еднински форми за машки, женски и среден род и една форма за множина.

На пр.: добар, добра, добро; добри.

3. Кај граматичката категорија определеност, придавката го презема членот од именката.

Кога имаме определена синтагма (именска група од придавка и именка), го членуваме само првиот збор, односно придавката (не може да се членуваат двата збора, туку само првиот).

На пр.: (добар) човекот - добриот човек.

Степенување на придавки Карактеристично за качествените придавки е тоа што образуваат форми на компарација. Со нив се изразува степенот на даденото качество кога се споредуваат два или повеќе предмети.

Разликуваме: 1. Позитив - основната форма на придавката (добар).

На пр.: Тој е добар ученик.

2. Компаратив - форма за споредување на два предмета. Се образува со претставката: по-, кој се пишува слеано со придавката (подобар).

На пр.: Тој е подобар ученик од Горан.

3. Суперлатив - форма за споредување на еден со повеќе предмети. Се образува со претставката: нај-, кој се пишува слеано со придавката (најдобар).

На пр.: Тој е најдобар ученик во класот.

Образување на придавките Дел од придавките се образуваат од други зборови (особено односните) со наставки.

1. Образување од именки обично се прави со наставките: ов/ -ев (јаболков); ски/ -шки/ -чки (свински, морски, тиквешки, човечки); ен (дрвен, златен, устен); ест (пердувест); ин (теткин); ји (птичји, кравји) ав (крастав)

2. Од глаголите се образуваат придавки со следните наставки: ен (плетен, шиен); ачки/ -ечки (исцрпувачки, стоечки, пливачки); лив (предвидлив, миризлив); телен (растителен).

3. Од други придавки: кав (дебелкав, жолетникав); ичок/ - ечок (слабичок, малечок); узлав (белузлав).

4. Од прилози: ен/ -шен (долен, овдешен).

5. Од бројни основи: ен (двоен, троен) ти (петти); ичен (првичен, вторичен).

Функција на придавки во реченица Придавката во реченицата е секогаш поврзана со именката.

На пр.: 1. Добра книга. 2. Книгата е добра.

Во првиот пример врската е непосредна (веднаш пред именката) и тогаш придавката има улога на атрибут.

Во вториот пример врската е посредна (стои со помошниот глагол сум - е) и тогаш е дел од прирокот (именски прирок).

*