Umbilicus luteus е сукулентно, повеќегодишно скриеносемено растение од семејството Crassulaceae, од родот Umbilicus, кое расте на Јужен Балкан и во јужна Италија.

Опис Повеќегодишно голо тревесто растение, со грутчесто задебелен ризом и со едно цветно стебло. Стеблото голо, јако, вертикално, неразгрането, 20-50 цм високо. Базалните листови по неколку во основата и со многу долги дршки, кои се 3-4-пати подолги од ламината. Ламината круглеста, одеднаш стеснета во дршка, во основата бубреговидна или срцевидна, до 7 цм во пречник, по работ тапо назабена. Стебле ните листови ретки (1-2) и помали, со многу куси дршки, а погорните листови помали, напилени, со остри запци. Брактеите линејно-ланцетни, скоро целокрајни или со остро напилени запчиња по работ. Цветовите во голем број, групирани во густо гроздовидно соцветие, исправени нагоре или малку расперени, со дршки 1-2 мм долги. Чашкините ливчиња линејно-ланцетни, 3-4 мм долги, во основата сраснати, на врвот зашилени. Венчето цилиндрично. Венечните ливчиња жолтеникаво-зелени до кремови, 10-13 мм долги, линејно-ланцетни, повеќе од половината сраснати помеѓу себе, на врвот постепено заострени. Исушените цветови добиваат црвеникаво-кафеава боја. Прашниците 10, сраснати со венчето. 5 прашника со долги дршки (до 3 мм), а 5 со многу куси дршки, скоро приседнати. Мешунчињата 5, тенки, цилиндрични, долги, голи, со долги столпчиња.

Распространетост во Македонија Umbilicus luteus расте покрај карпи и камењари, на влажни и засенчени места. Широко распространето растение во Македонија.

Употреба Екстрактот од лист од ова растение има високо вируцидно дејство врз херпес симплекс вирусот тип 1 кој е отпорен на ацикловир (ACV) ин витро.

Наводи

Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија