Potentilla reptans е скриеносемено растение од семејството рози.
Опис Многугодишно тевесто растение, со тенок ризом, обвиен од остатоците на базалните листови. Цветните стебленца тенки, 30-100 цм долги, ползечки и истите лесно се вкоренуваат кај нодиумите. Стебленцата голи или со ретки или густи прилегнати и скоро четинести влакна. Листовите дланковидни, со 5 ливчиња. Ливчињата обратно- јајцевидни, најшироки во средината или над средината, 10-40 мм долги, 5-20 мм широки, кон основата стеснети, на секоја страна со по 5-12 тапи запчиња, на двете страни зелени, на долната страна со многу погусти прилегнати влакна. Дршките на базалните листови, 5-10 цм долги, по површината со густи скоро четинести полурасперени или прилегнати влакна. Прилисниците зелени, широко-ланцетни до јајцевидно-ланцетни, целокрајни, назабени или всечени. Од вкоренетите нодиуми се образува една розета на листови и најчесто само 1 цвет со долга дршка, која е подолга од листовите на розетата. Цветовите поединечни, 20-25 мм во пречник. Чашкините ливчиња широко-ланцетни, заострени и со прилегнати влакна, а ливчињата на епикаликсот широко-ланцетни, скоро еднакви со чашкините ливчиња, а по прецветувањето стануваат подолги од нив. Венечните ливчиња жолти, 8-12 мм долги, обратно-јајцевидни, на врвот плитко всечени. Столпчињата куси, дебели, во основата стеснети. Цветната ложа влакнеста. Оревчињата мазни.
Распространетост
Матичен опсег Potentilla reptans има голем автохтон опсег низ континентите на Европа, Азија и Африка. Во Европа е домороден низ целиот континент, освен Норвешка каде што е воведен. Во Азија може да се најде во: Авганистан, Кина, Кипар, Монголија, Иран, Ирак, Казахстан, Киргистан, Либан, Сирија, Пакистан, Израел, Палестина, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан. Во Африка може да се најде во земјите: Алжир, Еритреја, Етиопија, Либија, Мароко и Тунис.
Воведен опсег P. reptans е воведен во различни земји низ целиот свет. Видот е широко распространет низ Северна Америка, каде што може да се најде во државите и териториите на: Бермуда, Калифорнија, Колорадо, Флорида, Џорџија, Илиноис, Кентаки, Луизијана, Мериленд, Масачусетс, Мичиген, Минесота, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Орегон, Пенсилванија, Вирџинија, Вашингтон и Висконсин, како и во Онтарио, Квебек и Нова Шкотска. Видот бил воведен и во земјите од Австралија и Нов Зеланд.
Распространетост во Македонија Potentilla reptans расте на влажни и блатни ливади, по блатата, покрај потоците, реките и езерата по целата територија на Македонија.
Се посочува f. microphylla Tratt. најдена покрај реката Пена помеѓу Тетово и с. Вешала. Живеалиште и екологија P. reptans расте во неутрални почви, каде што користи и природни и вештачки создадени живеалишта, на пр: тревни површини, живи огради, огради и обработливо земјиште. Видот може да расте и во тревници и цветни леи како плевел. Мала дебелоглавка го користи P. reptans како растение за храна за своите гасеници.
Медицинска употреба Алкохолните екстракти од корените на P. reptans покажале умерена антимикробна активност против вообичаени патогени на рани.
Наводи
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Лековити растенија Категорија:Флора на Европа Категорија:Петопрст Категорија:Флора на Македонија