Anthyllis aurea — повеќегодишен тревест или полугрмушест вид на растение од родот Anthyllis од фамилијата бобови опишан од Велден. Според Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Повеќегодишно тревесто растение или полугрмушка, високо 10–20 см, со задрвенето стебло во базалниот дел. Листовите се приосновни или сместени во долната третина на стеблото, а поретко има и мали листови под самото соцветие. Тие се непарно-перести, со 13–29 (6–14 пара) речиси еднакви ливчиња. Ливчињата се јајцевидни, елиптични или поретко копјести, долги 6–16 мм и широки 4–8 мм, од двете страни покриени со прилегнати свиленести влакна. Лисната дршка во основата е проширена во вид на ракавец.
Цветовите се собрани во голем број во густи главичести соцветија и имаат куси дршки. Дршката на соцветието е густо покриена со свиленести влакна и е неразгранета, со едно главичесто соцветие, или разгранета, со две главичести соцветија.
Чашката е долга 7–10 мм, во средината малку подуена и покриена со прилегнати до полурасперени свиленести влакна. Запците се триаглесто-тесно-копјести и зашилени, три до четири пати покуси од трубестиот дел на чашката. Венчето е долго 13–14 мм и златножолто. Барјачето е широко 5–6 мм, обратнојајцевидно или срцевидно, стеснето во тенок, клинест дел долг 6–8 мм. Крилцата се подолги од лаѓичката. Плодот е гола, кафеава мешунка со една семка.
Варијабилност
Anthyllis aurea var. aurea — листовите се со 13 до 19 ливчиња Anthyllis aurea var. multifoliolata — листовите се со 21 до 29 ливчиња
Распространетост во Македонија Растението расте по варовнички камењари и карпи на надморска височина од 700 до 2000 метри. Нејзините варијабилности се среќаваат на различни места во Македонија:
Anthyllis aurea var. aurea — се среќава на Шар Планина, Попова Шапка, Церипашина, планината Бистра и Кобилино Поле на планината Кораб. Anthyllis aurea var. multifoliolata — се среќава во Скопје на планината Водно, селото Нова Брезница, планината Сува Гора, во Прилеп на Сивец, планината Козјак, Мариово, селата Мелница, Живовска Скрка, Пантелејмон, Лабиница, во Кичево на планината Баба Сач и Лубен, кај Меденица на планината Бистра, под Кобилино Поле на планината Кораб и на планината Галичица.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Грција Категорија:Флора на Албанија Категорија:Флора на Хрватска Категорија:Anthyllis