Moneses — род цветни растенија од семејството вресови (Ericaceae). Има само еден вид, Moneses uniflora. Природно е распространето во влажните иглолисни шуми во умерените региони на Северната полутопка — од Шпанија до Јапонија и ширум Северна Америка.

Таксономија Називот на родот Moneses доаѓа од старогрчките зборови moses (осамен) и hesia (радост), кои го опишуваат единствениот цвет што го има ова растение. Исто така, познато е и под името шумска нимфа, што е преземено од старогрчката митологија каде со овој поим се означувале шумските божици со зачудувачка убавина.

Опис и распространетост Moneses uniflora е повеќегодишно голо тревесто растение со многу долги и разгранети тенки ризоми, од кои вертикално никнуваат стебленца. Неговото аглесто стебленце е високо 5-15 см, со ситно назабени ребра; на средината обично има мало јајцевидно ливче долго 3-4 мм со ресички по работ, а во основата уште 3-4 слични зелени ливчиња. Листовите се собрани при основата, зимзелени, округли или јајцевидно-елиптични, долги 2-3 см, светлозелени; горната страна светкава, долната матова; врвот тап, рабовите напилени; основата нагло преминува во дршка покуса од плочката. Цветовите се поединечни, крупни, со пречник 13-20 мм, свртени надолу. Чашка речиси до основата е поделена на 5 делови; чашкините запци се широко-елиптични, долги 2-3 мм, со тап врв и ситни ресички по рабовите, жолтеникави. Венечни ливчиња се бели, јајцевидно-ланцетни, долги до 10 мм, во горната половина со кратки ресички по рабовите. Има 10 прашници, групирани по 2-3; филаментите се свиени во форма на „S“, задебелени долу; антерите се долги 2,5-3,2 мм со кукесто свиени роговидни израстоци и широк отвор на врвот; поленови зрна во тетради. Столпчето е долго 5-7 мм, исправено и дебело, подолго од венчето; жигот има широка плоча во основата и со 5 исправени куси делови. Плодна кутијка е топчеста, долга 5-8 мм, исправена, се отвора на 5 делови. Цвета од мај до октомври.

Во Македонија расте на влажни хумусни или тресетни почви во буково-елови и елово-смрчеви шуми, на височини од 1400 до 2000 метри. Се среќава на Шар Планина и Дудица.

Примени во науката Неколку домородни народи во Северна Америка го наведуваат растението Moneses uniflora како традиционален лек за туберкулоза.Li, Haoxin; Bos, Allyson; Jean, Stéphanie; Webster, Duncan; Robichaud, Gilles A.; Johnson, John A.; Gray, Christopher A. (2018-10-01). Некои научни студии ги истражувале антифунгалните, антивирусните и антибиотските својства на екстрактите од ова растение и откриле дека надземните делови на Moneses uniflora го инхибираат (го спречуваат) растот на микобактериите M. tuberculosis и M. avium. Галерија

Наводи

Надворешни врски Calflora Jepson Flora Project (1993)

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа