Lotus angustissimus — едногодишен (но има и повеќегодишни примероци) вид на лотос од семејството бобови опишан од Карл Линеј. Има широка распространетост, од Макаронезија до Шјинџјианг во Кина. Се среќава во Македонија и повремено во Шведска, но не се размножува таму. Според Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Растението е едногодишно, поретко повеќегодишно, високо 20–30 см, разгрането уште од основата и по целата должина. Стеблото е тенко, исправено или приподигнато и по целата површина покриено со долги раширени влакна. Растението формира подлоги на земјата. Листовите се составени од пет ливчиња. Лисната дршка е многу куса, три до четири пати покуса од ливчињата. Ливчињата се покриени со долги раширени влакна; кај долните стеблени листови се обратнојајцевидно-копјести, со кусо заострен врв, а кај горните се тесно копјести и завршуваат со остар врв.
Цветовите, по еден до два (ретко три), се групирани во мали соцветија, кои во основата се обвиени со еден приседнат лист составен од три ливчиња. Дршката на соцветието е тенка и нежна, два до три пати подолга од соодветниот пазувен лист. Цвета од јули до август.
Чашката е тесноѕвонеста, долга околу 6 мм и покриена со ретки долги раширени влакна. Запците се линејно-шиловидни, долги околу 3 мм. Венчето е жолто, со црвени жили и долго околу една третина повеќе од чашката. Барјачето е долго 6–7 мм и благо свиткано нагоре. Крилцата се малку покуси од барјачето, а лаѓичката е благо искривена речиси под прав агол и завршува со долг клун, кој е долг колку барјачето. Плодот е тенка, гола, цилиндрична мешунка, долга околу 20 мм и широка 1–1,5 мм. Семињата се карактеристично црвенкави.
Распространетост низ светот Lotus angustissimus има широка распространетост од Макаронезија, Северна Африка, Европа и Западна Азија до Кавказ, Казахстан, Западен Сибир и Шјинџјианг. Воведен е и на други места, вклучувајќи ја Калифорнија, каде што се смета за плевел.
Распространетост во Македонија Lotus angustissimus расте по брдски пасишта и камењари до надморска височина од 1000 метри. Растението се среќава во селата Петровец и Катланово во Скопје, селото Богомила во Велес, меѓу Маркови Кули и манастирот Трескавец, селото Загорани и Селечка Планина во Прилеп, Црновршка Река и селото Карамани во Битола, околината на Кочани, Македонска Каменица, селата Тодоровци и Косевица во Делчево, околината на Пехчево, околината на Радовиш, селата Чифлик, Банско и Ново Село во Струмица, околината на Моноспитовско Блато, околината на Валандово, Богданци и Гевгелија.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Казахстан Категорија:Флора на Европа Категорија:Лотоси Категорија:Флора на Азија Категорија:Флора на Африка