Alyssum serpentinum — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae.
Опис и распространетост Alyssum serpentinum е разгрането во коренот, со многу цветни гранчиња и со малку или без вегетативни изданоци во основата. Неговото стебло достигнува висина до 40 см, најчесто е црвенкаво и покриено со густи ѕвездести влакненца со 14–16 зраци. При цветањето и формирањето на плодовите, листовите при основата опаѓаат. Листовите на стеблото се тесни до копјести, заострени на врвот, кон основата се стеснуваат во кратка дршка, долги 20–30 мм и широки 2–3 мм, зелени од двете страни; горната страна има ретки влакна со 8–10 зраци, а долната е со погусти влакна со 10–14 зраци. Во пазувите на листовите од стеблото често никнуваат нови вегетативни изданоци. Цветовите се распоредени во големо и компактно лажно штитовидно соцветие. Цветовите се долги околу 2 мм. Должината на цветните дршки е 1,5 мм. Истите имаат ретки влакненца, додека дршките на плодовите се долги 3 мм. Ливчињата на чашката се долги 1,5–1,75 мм, најчесто светло жолтеникави и со малку влакненца. Ливчињата на венецот се жолти, долги 2–2,5 мм, обратно-јајцевидни, постепено се стеснуваат во поширок долен дел и на задната страна имаат ретки влакненца. Кај долгите прашници израстокот на филаментот е целосен или со две мали запчиња и е прилепен до половина од должината; кај кратките прашници израстокот е издолжен и одвоен до основата. Шушменчињата се речиси округли, широки 2,75–3 мм, со малку влакненца; влакната се нежни, брадавичести, широки 0,12–0,20 мм и имаат 8–10 зраци. Тие се сплеснати, со едвај испакнати капачиња и со фина мрежеста шара на нивната површина кога се исушени. Столпчето е долго 0,75–0,80 мм и најчесто без влакна. Семките се долги 2,3 мм, имаат широк крилест раб, со крило широко 0,3 мм и кафеав по боја.
Во Македонија расте на планински пасишта со серпентински каменливи терени. Се среќава во Скопје - клисура на р. Пчиња помеѓу с. Катланово и жел. станица Пчиња, Таорска Клисура, Тетово - с. Рогачево и Валандово.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа