Trifolium heldreichianum — повеќегодишен вид на детелина опишан од Хајнрих Карл Хаускнехт. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение, високо 15–40 см, разгрането по целата должина. Стеблото е исправено или приподигнато и покриено со ретки прилегнати влакна. Базалните листови имаат долги дршки, три до четири пати подолги од листната плочка, додека кај стеблените листови дршките постепено се скратуваат, а кај најгорните листови се покуси од листната плочка. Листовите се обратнојајцевидни до елиптични, долги 10–25 мм и широки 8–10 мм, со тап или слабо заострен врв. Долната страна е покриена со прилегнати влакна, листовите се кожести, а по работ ситно назабени. Запчињата завршуваат со благо искривени шилести врвчиња. Прилисниците се долгнавести, ципести, со испакнати жили, покриени со прилегнати влакна и постепено се стеснуваат во долг, линеен зелен врв.
Соцветијата се топчести, со пречник до 20 мм и со многу кратка дршка. Цветната глава е обвиена од двата најгорни приседнати листа. Цветовите се збиени и без прицветници.
Чашката е долга околу 10 мм. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е долг околу 4 мм и има десет испакнати жили, покриени со ретки прилегнати влакна. Запците се тенки, шиловидни и покриени со ретки прилегнати влакна. Двата странични запци се долги околу 3–4 мм, а долниот е двапати подолг од останатите, достигнувајќи должина од околу 6 мм. Околу отворот на чашката има прстен од густи влакна. Венчето е розово. Барјачето е долго 13–14 мм и исправено, а крилцата и лаѓичката се приближно еднакво долги. Плодот е мала мешунка сместена во чашката, обвиена со ципеста обвивка и обично содржи едно семе.
Распространетост во Македонија Trifolium heldreichianum расте по брдски пасишта, покрај грмушести растенија и покрај карпи. Растението единствено се среќава помеѓу селата Железнец и Големо Илино во Демир Хисар.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија