Битолски Округ, именуван и како Округ Битола ― поранешен округ на ДФ/НР Македонија, како и поранешна административна единица на Кралството Србија, Царството Бугарија, и Кралството СХС. Округот постоел во периодот 1913-1922 и 1945-1947 година.
Историја Битолскиот Округ за прв пат бил основан во 1913 година, во рамките на Кралството Србија, за време на Првата балканска војна. Округот бил поделен на срезови (во превод околии) и првично тие биле Битолскиот, Крушевскиот, Леринскиот, Охридскиот, Преспанскиот, Прилепскиот Срез, како и Окружниот Град Битола кој не влегувал во ниеден срез. По Букурешкиот договор на 10 август 1913 година, дошло до нова административна поделба и нови граници на Србија. На 24 август (стар стил)/6 септември (нов стил) 1913 година, и бил поделен на срезовите: Битолски, Крушевски, Лерински, Охридски, Преспански и Прилепски. Подоцна Леринскиот Срез бил укинат бидејќи веќе поголем дел од Леринско припаднал на Кралството Грција, и бил основан Мариовскиот Срез. Горнополошкиот срез бил преименуван во Кичевски Срез (потоа Гостиварскиот Срез бил преименуван во Горнополошки Срез) и претходно припаѓал на Тетовскиот Округ. Според новата административна поделба од 16 март 1914 година, округот се состоел од срезовите срезовите: Битолски, Кичевски, Крушевски, Мариовски, Преспански и Прилепски. Тој имал површина од 5,803 км2.
Битолскиот Округ продолжил да постои во рамките на Царството Бугарија, односно за време на окупацијата во Првата светска војна. Неговата територија се состоела од Битолската Градска, Битолската Селска, Кичевската, Крушевската, Прилепската, и Ресенската Околија.
За време на новата држава Кралство СХС, Битолскиот Округ продолжил да постои, овојпат во рамки на покраината Јужна Србија. Тој се состоел од истите срезови, како и Окружниот Град/Општина Битола кој не влегувал во ниеден срез. Во 1922 година, според новата административна поделба, Битолскиот Округ бил укинат и бил заменет со Битолската Област.
Битолскиот Округ бил повторно воспоставен во 1945 година, овојпат во рамките на ДФ Македонија (од 1946 година НР Македонија). Тој се состоел од Битолската, Бродската, Демирхисарската, Кичевската, Крушевската, Мариовската, Охридската, Прилепската, Ресенската, и Струшката Околија. Во 1947 година, според новата административна поделба, Битолскиот Округ бил укинат и неговите околии станале првостепени единици во НР Македонија.
Население Според пописот од пролетта 1913 година, Битолскиот Округ имал 345,479 жители, односно вкупното население на Битолскиот, Крушевскиот Срез, Леринскиот Срез, Охридскиот, Преспанскиот Срез, Прилепскиот Срез, и Окружниот Град Битола. Округот се состоел од 52,970 домаќинства во кои живееле 177,329 мажи и 168,150 жени.
Според новата административна поделба настаната во есента 1913 година, и според прераспределените бројки од пописот од пролетта 1913 година, Битолскиот Округ имал 232,646 жители, односно вкупното население на Битолскиот, Кичевскиот, Крушевскиот, Мариовскиот Срез, Преспанскиот, Прилепскиот Срез, и Окружниот Град Битола. Округот се состоел од 77 општини, 398 села, 5 заселоци, 2 градови (вароши), 3 паланки (варошици), и 24 манастири.
За времето на владеењето на Царството Бугарија, Битолскиот Округ имал 217,585 жители, односно вкупното население на Битолската Градска (36,000), Битолската Селска (52,892), Кичевската (32,194), Крушевската (22,764), Прилепската (50,962), и Ресенската Околија (22,773).
Според пописот од 1921 година, Битолскиот Округ имал 180,732 жители. Според верската припадност, 134,939 биле православни, 42,689 биле муслимани, 2,643 биле евреи, 338 биле римокатолици, 63 биле евангелисти, додека 60 биле гркокатолици. Според јазичната припадност, 134,535 биле Срби/Хрвати, 19,209 биле Албанци, 18,007 биле Турци, 4,425 биле Власи, 69 биле Словенци, 38 биле Чехословаци, 37 биле Руси, 20 биле Унгарци, 19 биле Германци, 15 биле Французи, 9 биле Англичани, 3 биле Италијанци, 4,346 припаднале во графата „останати и непознато“.
Поврзано Историја на административната поделба на Македонија Административна поделба на Србија Административна поделба на Бугарија Административни поделби на Југославија
Забелешки
Наводи
Категорија:Историја на Битола