Iron Lung (македонски: Железен бел дроб) — компјутерска игра во жанрот подморнички симулатор на ужасите, создадена и издадена од американскиот инди-развивач Дејвид Шимански за оперативниот систем Windows во 2022 г. Подоцна истата година, играта била пренесена и на Nintendo Switch.

Дејството на играта се одвива во застрашувачки постапокалиптичен свет; играчот управува со осуденик на смрт што истражува океан од крв во ултрамала подморница наречена „Железен бел дроб“.

Во април 2023 г., јутуберот Маркиплаер објавил планови да ја екранизира играта како филм, со него самиот во главната улога. Филмот излегол во 2026 г.

Играчки процес Играчот, со поглед од прво лице, управува со лик што се наоѓа во ултрамала подморница. Целото дејство на играта се одвива исклучиво во оваа подморница — ликот не може да ја напушти, а во неа нема ниту отвори, ниту прозорци за гледање.

Управувањето со подморницата се врши со помош на навигациска опрема во предниот дел на пловилото. Курсот и положбата на подморницата се прикажуваат со бројки на минималистичкиот интерфејс; играчот мора да ја движи подморницата по дното на океанот, насочувајќи се според отчитувањата на инструментите и статичната карта.

Во задниот дел на подморницата се наоѓа контролна табла за камерата — во текот на играта потребно е да се стигне до одредени точки во светот на играта и да се фотографираат. Снимките што играчот ги прави со оваа камера се единствената можност да се види дното на океанот надвор од „Железниот бел дроб“.

На одредени точки во играта можат да се случат конкретни настани — на пример, нагло менување на концентрацијата на кислород или притисокот; овие настани влијаат на играњето и додаваат напнатост.

Со ажурирањето објавено во јуни 2022 г., на подморницата бил додаден „терминал“ — со негова помош играчот може да дознае повеќе за светот на играта. Iron Lung е кратка игра; може целосно да се заврши за приближно еден час.

Приказна

Во иднина каде што човештвото ја колонизирало вселената, настан познат како „Тивкото грабнување“ (англ. The Quiet Rapture) предизвикува сите ѕвезди и планети погодни за живот во вселената необјасниво да исчезнат, оставајќи живи само поединци на вселенски станици или ѕвездени бродови.

За да го обезбеди преживувањето на човештвото, Консолидацијата на Железото испраќа експедиција до AT-5, пуста месечина на кој неодамна се образувал огромен океан од човечка крв, за кој се верува дека содржи витални ресурси очајно потребни за одржување на човечкиот живот.

Ликот на играчот е осуденик испратен да навигира низ рововите на овој крвав океан во мала подморница официјално позната како СМ-13, со прекар „Железен бел дроб“, за да го потврди постоењето на ресурсите. Поради притисокот и длабочината на океанот, главниот отвор е заварен, предниот прозорец е обложен со метал, а врските се губат кратко по потопувањето. На играчот му е ветена слобода по враќањето на површината, но белешката оставена од претходниот управувач на подморницата го предупредува за спротивното.

Играчот го презема управувањето врз „Железниот бел дроб“ додека се движи низ опасни, тесни пештери и ровови. Користејќи ја камерата на подморницата, тој фотографира интересни точки расфрлани низ картата. Меѓутоа, фотографиите откриваат сѐ понеобични одлики, како што се растенија, карпести образувања што пркосат на објаснувањето, големи неутврдени скелети и вештачки структури што личат на фасади на згради.

Додека „Железниот бел дроб“ се приближува кон една интересна точка, топка светлина, пловилото почнува силно да се тресе. На друга точка, играчот го фотографира окото на големо, неутврдено морско суштество, кое потоа ја напаѓа подморницата како одмазда, предизвикувајќи значително протекување. Откако ќе стигне до последната интересна точка, додека играчот се обидува да стигне до контролите на камерата, суштеството ја пробива подморницата, со што играта завршува и го враќа играчот на насловниот екран.

Текстуален запис по завршувањето на играта открива дека не постои моментален начин да се извлечат остатоците или фотографиите од уништената подморница, така што мисијата на играчот била залудна. И покрај ова, текстот останува оптимистичен, тврдејќи дека човештвото ќе најде решение за Тивкото грабнување некаде во вселената.

Прием Iron Lung добила во целост потврдни одзиви, при што рецензентот Арон Боем од Bloody Disgusting ја пофалил „угнетувачката“ атмосфера на играта и „исклучителниот дизајн на звук“. Рената Прајс од Vice News напишала дека атмосферата на играта ја предизвикала „системската смртоносна спирала во срцето на капитализмот“. Зои Хендли од Destructoid го пофалила концептот на ужасот во играта, тврдејќи дека тој може целосно да се реализира само во „интерактивен медиум“ како што се компјутерските игри.

Во декември 2023 г., Шимански се соочил со критики на семрежјето поради тоа што ја зголемил цената на играта за два долари, а продажбата на играта опаднала по прилагодувањето на цената.

Наводи

Надворешни врски Категорија:Игри за Windows Категорија:Игри за Nintendo Switch Категорија:Инди-игри Категорија:Видеоигри од САД __СОСОДРЖИНА__ __ИНДЕКС__