„Денот на црвот“ е роман на Симона Јованоска и претставува дебитантски роман, кој добил награда на „Роман на годината“ за 2021, што ја доделува Фондација „Славко Јаневски“. Жири-комисијата била составена од: Владимир Јанковски, претседател, Катица Гароска-Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева како претставничка на фондацијата „Славко Јаневски“.Денот на црвот, Симона Јованоска,(3 изд.) Скопје:Или-или, 2024
Содржина Уште на почетокот авторката го воведува вртоглавото раскажување со реченицата „ со чудата треба да се внимава“. Токму тоа и се случува низ секоја од страниците на романот, се раскажуваат приказни за ослободувањето на ликовите во вид на мали етиди, налик на раскази, кои навидум немаат поврзаност, односно благо се допираат во вид на концентрични кругови во вода, оствајќи го читателот да очекува сè повеќе и повеќе од приказните
. „Романот „Денот на црвот“ е роман што од ред во ред, од страница во страница постојано изненадува. Од почеток до крај без застој и без празен од. Почетокот на романот е сосема неочекуван. Навестува дека делото е можна „басна“ со воведувањето на главните ликови: Црвот и Чавката. Но, тоа е итра замка што ја откриваме во продолжение. Приказната на спомнатите два лика, понатаму низ многубројни варијанти се преточува во животните судбини на јунаците што му припаѓаат на нашиот род. Од нашето совремие. Се испреплетуваат меѓусебно, се заплетуваат, се расплетуваат, понекогаш ритамот е толку вртоглаво брз што прилега на оној од анимираните филмови. Но, овие, на Јованоска, се повеќе и од живи. Цела една галерија од живописни ликови! Секој на свој начин уникатен, а сепак сите поврзани со една заедничка нишка: ослободување од „прангите“, од внатрешните и од надворешните зандани, посегнување кон Слободата.
„Денот на црвот“ изобилува со свежи компарации никаде досега сретнати, ненаметлива духовитост, понекогаш и со одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност! Сето ова во комбинација со неспорниот талент и безмалку зачудувачки зрелата раскажувачка вештина, му овозможува на нејзиното дело висок дострел“- истакнала Јагода Михајловска Георгиева во нејзиниот осврт за романот првенче на Симона Јованоска.
Калина Малеска пак во своето видување за романот вели: „Вешто раскажан, со суптилен хумор и умешно поврзување на настаните и лајтмотивите, овој роман, низ различни перспективи, проникливо ги истражува околностите, животните искуства и личната несигурност како мотиви зад постапките на многубројните впечатливи и реалистични ликови.“
За делото Сашо Огненовски во својата критика за романот пишува: „Симболиката на црвот е секогаш синтетизирана во сплотувањето на човекот со земјата и природата. Црвот излегува после дожд, после прочистувањето и измивањето. Во романот на Симона Јованоска црвот нема никаква поврзаност со дејствието на ниво на приказна. Интерпретацијата на црвот кога го сонуваме значи дека пробивот или напредокот е пред нас. Тоа е всушност сонот на сите ликови од овој роман. Неговата структура наликува на онаа кружна структура на драматургијата на Артур Шницлер во кои ликовите имаат циклично следство.“https://lektira.mk/kritika/sudbini-vo-koncentrichni-krugovi/
Романот „Денот на црвот“ наликува на збирка раскази, а читајќи сфаќаме дека поврзаноста на сите приказни е суштинска, а во формална смисла има поврзаност преку ликовите. Леснотијата на раскажувачкиот стил и точноста при градењето на карактерите, како и живоста на самите настани говорат дека се работи за писателка со изграден стил. „Во Денот на црвот за еден од своите ликови (создаден по истиот образец по којшто ќе се раѓаат (и згаснуваат) и останатите ликови) авторката ќе напише: Грета одлучи да се самоубие. Ова е роман на новото време и како таков се вбројува во романите на новото време, а во нив одамна ликовите не успеваат да издвојат победа над своето внатрешно заточеништво. Низ згуснатата и на места интензивно брза прозна нарација и длабоко осмислена конкретизација, авторката не дозволува нејзините ликови да ја закопаат нивната најдлабока интима. Тие немаат друг избор освен да ги живеат последиците од пресвртните одлуки и од честопати нерационалното постапување. Преминот од сцена во сцена се должи на супериорната творечка имагинација на авторката да ги прикаже своите ликови, обземени од големи прашања, од перспектива не толку застапена во нашата книжевност – перспективата на ликот и перспективата на набљудувачот (перспективата на вториот е неизбежна за да се постигне следствениот тек на настаните што Јованоска ги нижи).“
Други изданија Романот „Денот на црвот“ од Симона Јованоска е објавен во Хрватска во издание на издавачката куќа „Неолит“. Преводот на хрватски е на Ивица Баковиќ. Ова е трет превод во регионот на наградениот роман на Јованоска (Роман на годината за 2021 г.), по преводите на бугарски и на српски јазик. За романот „Денот на црвот“ хрватскиот издавач пишува:
„Денот на црвот во тмурното расположение на доцната есен ги усложнува и испреплетува ликовите, случувањата и мотивите, доведувајќи го во врска она што само наизглед е неповрзано. Не било пишано, на почетокот на романот вели дождовниот црв, откако сосем случајно ќе остане жив. Она што е пишано, во овој блескав првенец на Симона Јованоска, овенчан со наградата Роман на годината, во добра мерка е впишано меѓу редовите. Флуидната присутност но и отсутност, поврзаноста во безбројните можни различни перспективи, создаваат мозаик на различни животни приказни во цврста целина која што долго вибрира во свеста на читателот, со секогаш новите релации помеѓу црвот, чавката, киднаперите на сопственото семејство и другите ликови кои би можеле да бидеме и ние самите, само кога мозаикот малку поинаку би се пресложил.“
Наводи