„Софиниот избор“ (англиски: Sophie's choice) — роман на американскиот писател Вилијам Стајрон (неговиот последен роман) од 1979 година. Авторот го посветил романот на неговиот покоен татко.Vilijam Stajron, Sofijin izbor. Laguna, Beograd, 2020, стр. 5.

Содржина Романот се состои од 16 глави: Глава 1-3: Стинго, по потекло од Вирџинија, е 22-годишно момче кое живее во Њујорк, сонувајќи да стане писател. Одредено време работи како помлад уредник во издавачката куќа „Мекгро-Хил“, но по пет месеци добива отказ зашто не може да се вклопи во правилата на фирмата. За среќа, тогаш добива 500 долари како дел од скриеното богатство на предедо му, што му овозможува да преживее во текот на неколку месеци. По добиениот отказ, тој се сели од Менхетн во Бруклин, каде изнајмува соба во куќата на Јета Зимерман. Една вечер, тој е сведок на острата кавга меѓу двајца негови соседи, љубовниците Нејтан Ландау и Софија Завистовска при што Нејтан ја обвинува Софија за неверство и се заканува дека ќе ја напушти. Така, тој ја запознава Софија и на прв поглед се заљубува во неа, а во таа прилика го здогледува и бројот на нејзината рака и веднаш сфаќа дека таа била заробена во концентрационен логор. Утредента, Нејтан и Софија се пријателски расположени и го канат да одат заедно на плажа. Тогаш, Нејтан му кажува дека Софија била во злогласниот логор Аушвиц, по што се преселила во САД, а тој ја лекувал од анемија. Така, Стинго се спријателува со Софи и со Нејтан, но веднаш го забележува неговото променливо однесување со неизменични изливи на бес и на срдечност.Vilijam Stajron, Sofijin izbor. Laguna, Beograd, 2020, стр. 11-107. Глава 4-8: Дружејќи се со Софи, Стинго ја дознава нејзината животна приказна: Таа живеела во Краков, а нејзините родители биле универзитетски професори; имала среќно детство и многу рано го научила германскиот јазик и се стекнала со љубов кон музиката; уште како млада девојка се омажила со Казимир; по окупацијата на Полска, татко ѝ и Казимир биле упасени, одведени во логор и стрелани, а во 1940 година таа и мајка ѝ се преселиле во Варшава; во 1943 година, поради шверц на месо, Софи била уапсена од Гестапо и одведена во Аушвиц; во 1945 година, откако руската војска го ослободила логорот, таа биле префрлена во центар за раселени лица во Шведска, а потоа се преселила во Њујорк, каде се вработила како секретарка на еден доктор, а истовремено го изучувала англискиот јазик и се обидувала да го заборави ужасното минато и да се приспособи на новиот живот во САД; како последица на долготрајното гладување во логорот, нејзиното здравје било многу лошо; еден ден, таа се онесвестила во универзитетската библиотека и така го случајно го запознала Нејтан, кој несебично ѝ помогнал и кој на прв поглед ѝ се допаднал. Стинго добива писмо од татко му, кој го повикува да се врати во родниот крај и да се насели на една мала фарма која ја добил во наследство, но тој ја одбива понудата поради љубовта кон Софи и поради инспирацијата за романот што го пишува, а која му се раѓа по веста за самоубиството на Марија Хант, неговата љубов од младоста. Истовремено, со посредство на Нејтан, Стинго ја запознава богатата девојка Лесли Лапидас која се одликува со слободно однесување, што му дава надеж дека ќе има полов однос со неа. Меѓутоа, на закажаната средба во нејзината куќа, неговите планови пропаѓаат, а како последица на неуспехот, тој боледува неколку дена. Потоа, тој го продолжува интензивното дружење со Софи и со Нејтан, кој го воодушевува со неговата начитаност и со духовитоста, а освен тоа, Нејтан се изразува пофално за неговиот роман и го поттикнува да продолжи со пишувањето. Меѓутоа, еден ден, додека Стинго и Софи ја очекуваат средбата со Нејтан на која тој треба да ги извести за важното научно откритие на Фајзер во кое учествувал и тој, Нејтан повторно го зафаќа хистеричен напад и остро ја навредува Софи обвинувајќи ја за неверство. Истиот ден, Софи и Нејтан се разделуваат и ја напуштаат куќата.Vilijam Stajron, Sofijin izbor. Laguna, Beograd, 2020, стр. 108-283. Глава 9-10: Во 1967 година, Стинго е веќе успешен писател кој го има објавено својот прв роман. Тогаш, тој повторно се сеќава на заедничкото дружење со Нејтан и со Софија и одлучува да напише роман за неа, па за таа цел започнува да собира материјали за концентрационите логори. Оттука, тој се присетува на приказната на Софија, која на 1 април 1943 година пристигнува во Аушвиц, точно на денот кога Стинго се наоѓа на преглед пред регрутациската комисија за прием во морнарицата на САД. Благодарение на нејзината стенографска вештина и на одличното познавање на германскиот јазик, кратко време таа работи како лична секретарка на командантот на логорот, Рудолф Хес. Нејзиниот татко бил антисемитист со слични ставови како нацистичките, залагајќи се за истребување на Евреите, но дури ни тоа не го спасило од смртта во еден германски логор. Дознавајќи дека Хес набрзо ќе биде преместен на друга служба, Софија се осмелува да побара од Хес да ја ослободи, повикувајќи се на својот антисемитизам при што му го покажува памфлетот напишан од татко ѝ. Хес ѝ признава дека му се допаѓа, но сепак, одлучува да ја врати во логорот, таа го моли да ѝ дозволи барем да си го види синот.Vilijam Stajron, Sofijin izbor. Laguna, Beograd, 2020, стр. 284-377. Глава 11-13: На денот на разделбата меѓу Софија и Нејтан, во Њујорк пристига татко му на Стинго. Тогаш, Стинго се согласува да се врати во родниот крај, меѓутоа повторно ја среќава Софија и така решава да остане. Таа повторно му раскажува за престојот во Аушвиц, за бурната љубовна врска со Нејтан, за неговата опседнатост со холокаустот, за неговата зависност од дрогата, за постојаната љубомора итн. Во таа прилика, таа му раскажува и за нивниот излет во Конектикат, каде дрогираниот Нејтан сурово ја истепал, ја принудил на орален секс, а потоа ја наговорал да извршат самоубиство со цијанид. По враќањето на Софија во куќата на Јета Зимерман, Софија и Стинго одат на плажа, каде пијаната Софија му го допира пенисот при што Стинго прерано ејакулира. Потоа, тој заспива, а во меѓувреме, Софија плива во океанот со намера да се удави, но Стинго во последен миг ја спасува. Утредента, таа му раскажува за својот живот во Варшава: за нејзината љубовна врска со младиот Јозеф, член на движењето на отпорот, за синот Јан и ќерката Ева, за случајното апсење заедно со повеќе припадници на движењето на отпорот, за апсењето на сите жители на нејзината зграда, вклучувајќи ги и нејзиниет деца, како и за патувањето до Аушвиц. Во продолжение, Софија му раскажува за кратката средба со големиот германски индустријалец Валтер Дирфелд за време на неговата посета на Краков во 1937 година, кого повторно го видела шест години подоцна во Аушвиц. Исто така, таа му раскажува за неуспешниот обид да го украде радиото од куќата на Хес, за нејзиното враќање во логорот каде повторно работела како дактилографка, за префрлањето во Биркенау, како и за неисполнетото ветување на Хес дека ќе го префрли Јан во некое германско семејство. Вечерта, додека Софија ги пакува своите работи со цел да се пресели во нов стан, во куќата на Јета Зимерман повторно се појавува Нејтан.Vilijam Stajron, Sofijin izbor. Laguna, Beograd, 2020, стр. 378-537. Глава 14-16: Нејтан повторно се вселува во куќата на Јета, а на Стинго (кого претходно го ограбиле) му поклонува 200 долари. Така, Нејтан и Стинго повторно се спријателуваат, а Нејтан му соопштува дека тој и Софија наскоро ќе се венчаат. Еден ден, Лари, постариот брат на Нејтан, го повикува Стинго на разговор при што му кажува дека Нејтан не е биолог туку само работи во библиотеката на „Фајзер“, дека подолго време боледува од параноидна шизофренија и дека безуспешно се лекувал во бројни душевни болници, а најпосле го замолува да му помогне на Нејтан да се оттргне од зависноста од дрогата. Меѓутоа, Стинго заминува на одмор кај својот војнички другар Џек Браун, каде има уште неуспешен обид да има полови односи со сестрата на сопругата на Џек. Тогаш, Стинго добива итен телефонски повик и дознава дека Нејтан повторно доживеал напад на љубомора и дека ја повредил Софија, а потоа повторно ја напуштил. Стинго веднаш се враќа во куќата на Јета и таму дознава дека Нејтан ја обвинил Софија дека го изневерува со Стинго. Тогаш, Нејтан му телефонира на Стинго, заканувајќи се дека ќе ги убие него и Софија, така што тие набрзина бегаат од куќата. Стинго и Софија заминуваат со воз во Вашингтон, а патем таа се опијанува. Таму, во хотелската соба, таа му раскажува за случката при пристигнувањето во Аушвиц, кога била принудена да избира меѓу синот и ќерката при што, за да го спаси синот Јан, таа се согласила да биде убиена ќерката Ева. Ноќта, Софија и Стинго долго водат љубов, а изутрината, таа го напушта хотелот и се враќа во Њујорк кај Нејтан. Стинго најпрвин се упатува кон родниот град, но ја насетува несреќата и се враќа во Вашингтон, а оттаму заминува во Њујорк. Куќата на Јета Зимерман е исполнета со полицајци, доктори и новинари, а таму се наоѓа и Лари. Стинго дознава дека Нејтан и Софија извршиле самоубиство, труејќи се со цијанид. Нив ги погребуваат еден до друг, а на закопот, Стинго чита песна на Емили Дикинсон чија поезија била повод за првата средба на двајцата љубовници. По погребот, пијаниот Стинго заминува на плажата на Кони Ајленд, присетувајќи се на првата прошетка со Нејтан и со Софија и таму заспива, сонувајќи кошмарни сонови. Изутрината, тој се буди, согледувајќи дека некои деца го закопале со песок.Vilijam Stajron, Sofijin izbor. Laguna, Beograd, 2020, стр. 538-665.

За делото Напишан суптилно и поетично, а епски во својот емотивен замав, „Софиниот избор“ ги истражува доброто и злото на човештвото — длабоката, непремостлива човечка трагедија. Во освртот објавен во весникот Њујорк тајмс (New York Times Book Review), романот е опишан со следниве зборови: „Прекрасно напишан, емоционално набиен, дури и филозофски роман за најважната тема на 20 век.“Vilijam Stajron, Sofijin izbor. Laguna, Beograd, 2020.

Наводи

Категорија:Дела на Вилијам Стајрон Категорија:Американски романи Категорија:Романи на англиски јазик Категорија:Романи кои се одвиваат во САД Категорија:Книги од 1979 година