Вршен или Врштен (, Вирсан) — поранешно село во Драмско, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Неврокоп во областа Источна Македонија и Тракија, Грција. Било населено со Македонци муслимани.

Географија Селото се наоѓа на северните падини на планината Боздаг, во историско-географската област Чеч. Соседни села се Сидерово, Перух, Пепелаш и Странен.

Историја Во Отоманското Царство Во подробен регистар за санџакот Паша од 1524-1537 г. за селото Вршан се заведени муслимани: 2; немуслимани: 9, ергени - 3, вдовици - 1. Во скратен регистар од 1530 г. селото Виршани имало муслимани: 3 домаќинства; немуслимани: 9 домаќинства, ергени - 3, вдовици - 1.Радушев, стр. 130 Во подробен регистар на санџакот Паша од 1569-70 г. даночно обврзаното население на Виршани се наведува вака: муслимани - 2 семејства и 2 ергени; немуслимани - 9 семејства, 11 ергени и 1 вдовица. Во список за Неврокопскиот вилает од 13 март 1660 г. селото Вршен (Вршани) е запишано како населба со 8 немуслимански семејства. Во подробен регистар за собирањето на данокот авариз од Неврокопската Каза за 1723 г. за селото Вршен (Въшани) се запишани 22 муслимански домаќинства.Нарекувајќи ги „Помаци“Радушев, стр. 225 Ова дава слика за приближниот период на исламизација на населението.

Во XIX век Вршен било муслиманско село во Неврокопската Каза. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Вршен (Vërchen) било село со 30 домаќинства на 90 жители Македонци муслимани. Според Стефан Верковиќ кон крајот на XIX век Вршен (Варшен) имал 99 мажи Македонци муслимани кои живееле во 30 куќи.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Врштен живееле 184 Македонци муслимани.

Во Грција Во Првата балканска војна во 1912 г. селото е окупирано од бугарска војска. По податоци на БПЦ кон крајот на 1912 и почетокот на 1913 г. во Вршан живееле 34 семејства со вкупно 174 лица.

По Втората балканска војна во 1913 г. селото е припоено кон Грција. Според грчка статистика во 1913 г. во Вурсјан (Βούρσιαν) живееле 144 лица. Во 1920 г. населението се намалило на 110 жители.

Во 1923 г. жителите како муслимани се иселени во Турција по сила на Лозанскиот договор, сместувајќи се во селата околу градот Узунќопру. Во Вршен не биле населени грчки колонисти, туку селото е отпишано по наредба бр. 7512 на грчкото министерство за внатрешни работи од 1928 г.

Наводи

Категорија:Историски села во Неврокоп (Егејска Македонија) Категорија:Чеч