Велигденските игри од Порече - се игри кои се изведувале за христијанскиот празник Велигден во с. Горечница во Порече. Тие како дел од архаичната култура имаат големо значење за зачувувањето на културното и фолклорното наследство на Р Македонија. Велигденските игри поврзани со празникот Велигден, обновата на природата и новото раѓање, а со постапките и песните со кои се проследени се изразуваат низа верувања кои се однесуваат на плодноста, заштитата и благосостојбата.

Потекло и територија Велигденските игри од Порече се бележат како единствени во својата комплексна и целовита структура. Но, исто така треба да се истакне дека некои од игрите се изведувале и во другите делови на Македонија, за што сведочат записите на истражувачите особено од постар датум (средината на дваесеттиот век), кога на некој начин започнува и напуштањето на оваа традиција. Според Даница и Љубица Јанковиќ Велигденските игри пред Втората светска војна се изведувале и во селата Тополница и Долни манастир Кичевско на вториот ден Велигден.

Играта  „Зет и невеста“ се среќава во записите на Милан Ристески од Гостиражди, Прилепsко, а и во повеќе варијанти во останатите села на Порече, во Кичевските села, но и во Охридското село Завој. Македонскиот драмски писател Васил Иљоски најдетално ги истражувал варијантите на оваа игра  споредувајќи ги со сличните игри што се среќаваат во Македонија и во Балканското окружување. Велигденските игри  претставуваат еден комплексен жанр, во кој ги среќаваме верувањата,  пеењето и играњето, кои се испреплетуваат меѓусебно во единстен спој.

Опис на игрите Празнувањето на Велигден во минатото во Порече се разликувал од оваа вообичаена практика.

Првиот ден започнува со одењето во  црква на постарите мажи кои со себе го носат второ бојадисаното јајце, по завршувањето на литургијата тие се кршат со јајцата во црковниот двор. Жените пак постари и помлади ги земаат од дома приготвените јадења за Велигден и одат со кошници на гробишта, а предходно навраќаат во црква да запалат свеќа, оставајќи ги кошниците пред црквата. Потоа одат на гробишта за да ги посетат мртвите.

Во Порече првиот ден Велигден се руча во кругот на семејството и не се оди никаде на гости. На приквечерина се собира собор и се пеат Велигденски песни и се играат ора. Вториот ден мажите одат по ракија  низ селото и тие се викаат „ракијари“ или „ракиџии“, по патот од куќа на куќа пеат „славски“ песни.

Интересно е дека  на вториот ден Велигден се играла  играта „Камила“. Таа е слична на играта „Џамала“ која е позната и на поширокиот балкански ареал во различни варијанти, а се изведува од Божиќ до Водици. Во суштина играта на шеговит начин ја прикажува селската свадба. Во неа учествуваат млади мажи или ергени, облечени во искината алишта и со исцрнети лица, со ѕвонци и клопотарци ставени олколу појасот. Покраj нив во играта учествуваат: невестата, младоженецот, камилата и попот. Напред оди камилата, по нив невестата и зетот и најодзади попот. Кога застануваат во некоја куќа попот го врши обредот на венчавање на зетот и невестата и кога ќе заврши обредот тие си тргнуваат од куќата, а другите момци од селото се обидуваат да ја грабнат невестата. На третиот ден Велигден  народот во Порече го испраќa Велигден со песни и игри. 

Младите жени и девојки кога излегуваат од своите куќи за на собор уште од портите започнуваат да ја пеат песната за испраќање на Велигден: „О леле, леле, Велигден...“ Попладне на соборот, покрај велигденските песни и орски игри се играат и друштвени игри (гачки). Според содржината тие се различни ги има шеговити, статирични, жални и други. Игрите кои се изведуваат во овој крај се следните: „Кален број, мален број“, „Лази, лази бубале“, „Зет и невеста“, „Ѓуро, Маро, Вележано“, „Дељо мори дељо“, „Бајраче“, „Змија“, „Јуници“, „Шутрачиња“, „Маски“, „Пилци“, „Благо месо“, „Слепо коло“ и „Самовили“.

„Кален број, мален број“ - е Велигденската игра која симболично ја прикажува вечната обнова на животот. Во играта учествуваат само млади жени и девојки. Тие се редат две по две држејќи се за крпче распоредени една спрема друга во редица. Редицата може да брои до 50 пара, последниот пар се „провира“ под рацете на другите парови, а при поминувањето жените од редицата ги удираат по грбот. Кога  ќе ја поминат редицата се  наредуваат напред, така во оваа игра се изредуваат сите девојки и млади жени од селото за здравје еднаш до два пати, за тоа време тие пеат: „Пиши пиле, долно поле/ кален број, мален број/ Каленцице, маленчице/ Род родила јаболкница,/ Од род ми се искршила.“ При што се именуваат имињата на тие играчи, кои се провлечуваат. „Лази, лази бубале“- е игра во која е одразена лошата состојба на сирачето. За оваа игра како и за претходната девојките и младите жени се редат две по две, рацете ги вкрстуваат така што со нив прават столче. По рацете на редицата поминува машко дете – сираче, додека тоа поминува по рацете се пее: „Лазај лазај Бубале,/ Да долазиш до мене/ Ако паднеш не кажуј/ На мајке ти, на татка ти/ Ако паднам не жалам, не жалам, /Кад сум клето сираче/ За сираче кој плаче, кој плаче./“ „Зет и невеста“- играта ја играат девојки преоблечени во машки алишта, а го претставува просењето на девојката, низ дијалог и со шеговит тон. Учесниците (девојките) се редат во две редици една наспроти друга. Насредина во едната редица е невестата која е подотерана и забулена, а од спротивната страна на редицата е момчето- зетот. Момчето е девојка облечена во машки алишта. Меѓу двете редици се сејмените (девојки преоблечени во машки алишта) кои се испраќаат од страната на зетот како стројници да ја бараат момата т.е. невестата од нејзините родители. Играта се одвива со дијалот проследен со песната на сејмените, момчевата и невестината рода.  Најпрвин сејмените прашуваат: „Отпрати не, допрати не/ Наш војвода, наш кадија/ и нашиот јазаџија,/ Да н' да'дете малој моме,/ И со моме кондур вино, / И румена медоина, бр'ој!/“ на што страната на невестата одговараат: „- Ој вас два питача,/ Два питача два просјака, / Два левjвена, два сеjмена,/ Ќе да'еме малој моме/ и со моме кондур вино,/ И румена медоина, бр'ој!/ ќе дадете киска цвеќе.“ Сејмените ја пренесуваат пораката: „Не радуј се наш војвода,/ наш војвода, наш кадијо,/наш кадијо, наш јазџијо,/ не даваат малој моме,/ и со моме кодур вино,/ и румена медоина- број,/ Ни сакаат киска цвеќе.“ на што момчевата фамилија возвраќа: „Ој вие вас два питача,/ Два питача, два просјака,/ Два лејвена, два сејмена,/ Ќе да'еме што сакаат,/Ќе да'еме киска цвеќе,/Да земеме малој моме,/ И со моме кодур вино,/ и руменџа медоина- број“. Така пораките се редат една по друга, а од страната на момчето се бара: лиан ѓердан, свилен каврак и др. Но, вообичаено е дијалогот да се повтоти три пати со одбивање на сејмените, по што четвртиот пат  страната на невестата се согласува да ја даде момата со одредени дарови со зборовите: „Ој вие вас два питача,/ два питача, два просјака,/два лејвена, два сејмена,/ не даваме малој моме,/И со моме кондур вино,/ И руменџа медоина – број/ Дур песна да испеете.“ По што сејмените пеат: „Среќа врана карала,/зошто не си орала,/ орала сум орала,/ Али не се родило, /отвори порти девојче,/ Отворено јуначе“. Сејмените је земаат невестата и ја водат во момчевата куќа, испраќајќи ги од кај девојчето пеат: „Ви го дадовме, ви го дадовме,/ Најлошото моме,/ Това незнаит, това незнаит/ Леб да замесит,/ Това незнаит, това незнаит/ Гла'а да се измиет/ Това незнаит, това незнаит/ Дете да капет,/ Това и капе, това си капе, / неразвиено.“ На ова од кај момчето пеатː „Ќе го учиме, ќе го учиме,/ Ќе го научиме/ Ќе го научиме леб да занесит/...“ „Ѓуро, Маро, Вележано“ е трагична друштвена игра во која  учествуваат девојќи и помлади жени. Во неа е прикажан печалбарскиот живот, односно мигот на неговото трагично враќање во родниот крај. По него тажат – „укаат“ неговите блиски, сестрата и жената. Девојките кои учествуваат во играта се фаќаат во коло држејќи се за раце. На среде колото стојат две девојки кои ги претствуваат сестрата и невестата а печалбарот. Тие се забулени и со наведнати глави го плачат печалбарот (укаат). Наредените девојки во колото ги претствуваат селаните од селото кои се сведоци на загинувањето на печалбарот. Тие пеат: „Ете иде Ѓуро, маро,/ Ѓуро, маро, Вележано,? На мост дојде под мост падна,/ Под мост падна на нож удри./ На овие зборови сестрата и невестата почунуваат посилнио да плачат – да укаат у...у...у.... и да плескаат со раце. Девојките од колото продолжуваат да пеат: „ Ќути Маро не ми плачи,/ Ете Ѓуро каде идит,/ кај ти носи голем бакшиш,/ Голем бакшиш свилен фустан,/“ Сестрата и невестата продолжуваат да укаат. Девојќите пеат: „Ќути Маро не ми плачи,/ Ете Ѓуро каде идит,/ кај ти носи голем бакшиш,/ Голем бакшиш чифт кондури,/ Чифт кондури, свилен каврак,/ така играда продолжува со нови играчи во улогите на сестрата и невестата . „Дељо мори Дељо“ е друштевена игра во коај се исмева стар ерген. Невести и девојќи се фаќаат во оро, а Дељо (девојка преоблечена во машко) оди со еден стап на кој има заврзана „бришка“ (крпа за чистење црепни). Ја запалува и и приоѓа на секоја девојка потчурувајќи ја. Секоја од девојките ја погледнува под шамијата и ја погалува. На овој начин Дељо ја избира најубавата во танецот. Во тој момент девојките пеат:  „Дељо , море Дељо цареа (незнаеана) делијо,/ Да си вредно пушка би купило,/ да би не носило пушка боздоица./ Дељо , море Дељо цареа делијо,/ да си било арно би се оженило./ Потоа Дељо влегува меѓу девојкките и граба една од нив, останатите трчаат по него за да му ја отмат девојката, за сето време се пее наведената песна. „Бајрачето“ е игра во која момите се натпреваруваат за барјакот направен од црвена шамија. Учесниците во играта младите моми и невести се наредуваат во збиени редови една до друга, напред е барјактарот девојка која го држи бајракот, последните две  моми од орото се натрчуваат со двете страни на редицата која ќе успее побрзо да стата до бајракот. Онаа мома која ќе успее да го грабне е следниот бајрактар. Пред да почнат со натрчувањето се удираат со раце и велат: „Сега да видиме кој ќе бајрак земете.“ Останатите од танецот пеат, именувајќи ги момите кои се натрчуваат. „Сега да видиме./ Кој е метил, пасло,/ Зелени ливаѓе. Цветаметил пасло,/ Зелени ливаѓе,/“ Со оваа песна се бие шега со онаа мома која нема да го земе бајракот. „Змија“ или „коноплика“ е велигденска игра со која алегорично се исмева мрзливата жена, предачка. Во оваа игра се среќаваат елементи на култот на змијата, бидејќи истата е посветена на неа и на можните штети што таа ги прави на луѓето и на стоката. Во оваа игра учествуваат скоро сите жени и девојќи од селото нафатени една до друга се држат под рака или за појас. Колото (орото) ја претствува нивата со коноп, во колото е и девојката шти ја игра улогата на змија. Надвор од орото се две жени кои имаат улога на мајка и ќерка, тие се сопственици на конопот и го бранат од дивината. Мајката божем преде коноп, а ќерката оди по неа. Тие го обиколуваат орото неколку пати, при што мајката извикува: „Уја... а...а..., коноп брана, коноп преда,/ кошула ми над колено.“  Змијата пак крадешкум ја укасува девојката што ја игра улогата на керката и таа почнува да вика по мајката што не ја одбранила од лутата змија: „Леле мајко, љута змија,/ Љута змија ме укаса,/ Танко и високо.“ Потоа меѓу себе си го менуваат улогите ќерката ја зема фурката од мајката и го брани конопот. За тоа време девојките од колцето пеат:„Израсла ми коноплика, танка ем висока,/ Среде трло овчарово./ офчар кафал го кршеше, /коноплика е градеше, /Танко ем високо./(...)Леле мајко љута змија,/ Љута змија ме укаса,/Танко ем високо,/ Буцни керко извади ја,/ танко ем високо./ Еве керко, ништо нема,/ Мила керка си киниса,/да е брани коноплика,/Танко ем високо./“ Во тој момент се згуснува орото, а предилката и ќерката се обидуваат да влезат во колото и да ја фатат змијата. Во тој момент змијата успева да избега. Така играта се повторува неколку пати. Секогаш змијата е друга жена.