Традиционален спорт и вештина Пеливанство во Каршијак, Општина Студеничани, во Република Македонија е пеливанството (спорт борење.) Како традиционален спорт и вештина во Општина Студеничани тоа претставува своевиден културен артефакт поради поседување на многу елементи со културна заднина во својата внатрешна структура.

Потекло на пеливанството во Република Македонија Многу е тешко да се одреди времето на настанувањето на овој спорт, или пеливанството, но сепак никулците на спортот на поконкретно речено —борењето воопшто се многу стари и се среќаваат кај сите древни народи, почнувајќи од старите Грци, Египќани, Римјани итн. Во овој однос, борењето како спорт се спомнува и во делото Илијада од Хомер, односно поетот вкомпонирал содржина со опис на борењето Meѓy Епеј и Евријал, потоа меѓу Ајант и Одисеј итн. Тоа значи дека овој спорт, односно борењето (постои разлика Meѓy борењето, пеливанството и борењето во слободен стил) сигурно постоел и кај древните народи што живееле во денешниот простор на Р Македонија. Оттука, борењето (како претходник на пеливанството) не може да се поврзува конкретно со било која етничка популација, територија и време. Од далечното минато до денес  требало да изминат многу години за да може борењето постапно да се трансформира во фолклорно борење или поконкретно речено — во пеливанство или во својство на спортски натпревар со сите придружни елементи својствени за овој вид на натпреварување.

Пеливанството е најзастапено кај населението од исламска вероисповед што живее на просторите на Р Македонија, но и надвор од неа, се претпоставува дека овој спорт се појавил заедно со проширувањето на Османската Империја на овие простори.  Според усното кажување на некои соговорници од с. Студенишани каде најмногу е развиен овој спорт, се претпоставува дека пеливанството е старо, или се негува кај нив во временски период од околу пет векови. Овој спорт се практикувал низ разни манифестации, од семеен и општествен карактер.

Пеливансвото како традиционален спорт и вештина се организирал и се одржувал и по повод разни семејни свечености, како што се свадбата, сунетисувањето, различни празници од годишниот календар, итн. Во однос на годишните празници, пеливанството во Каршијак, односно во с. Студеничани. Пеливанството во функција на семејните прослави (сунет и свадба) било организирано од побогатите луѓе кои на ваков начин сакале да го зголемат угледот во средината каде живееле. Богатиот домаќин како награда за баш-пеливанот требало да обезбеди овца, јуне, теле и др., или парична награда.

Успеал и ден- денес да се сочува и негува, а овој  однос се издвојува во регионот на Скопски Каршијак чиј центар е с.Студеничани. Пеливанството во Каршијак  се одржувало на 11 Октомври за време на СФРЈ . По распадот на Југославија и стекнување независност на Република Македонија одржувањето на манифестации со овој спорт со учество на пеливани од целиот балкан   се поврзани со празникот 1 Мај кога се организира и турнир по пеливанство.

Опис на ритуалот на пеливанството Пеливанството е дел од групата на традиционални игри и вештини и претставува ритуално борење кое започнува со церемонијално претставување на учесниците кои играат традиционален танц наречен перде и музичка придружба со зурли и тапани.

Се внимава овој спорт да се практикува во пролетта или есента, бидејќи временските прилики тогаш се попогодни имајќи го во предвид фактот дека во минатото, па и денес, овој спорт се изведува под отворено небо. Понекогаш се изведува и во спортски сали (ако е времето дождливо), ако постојат такви услови, но сепак овој традиционален спорт е препознатлив по тоа што се оддржува под отворено небо. Денот на изведувањето на овој спорт, особено во последно време, се препорачува да биде сабота или недела или некој друг неработен ден со цел публиката да биде во поголем број. Во однос на просторот, секогаш овој спорт се изведува во зелени површини, односно по ливади кои се погодни како конфигурација и за самите актери (пеливаните) да не се повредуваат, но и за публиката за да има подобар преглед на теренот со цел што поубаво да се следат пеливаните, односно нивните дуели. Борилиштето е заградено формално со цел да се подели просторот на пеливаните и тој на публиката. Овој спорт има многу протагонисти, почнувајќи од пеливаните, судиите, зурлаџиите, тупанџиите, публиката, па и носителот на манифестацијата, односно тој што ја организира семејната или општествената веселба. На пеливаните за оваа намена им се потребни секојдневни тренинзи, како трчање, соодветна исхрана со многу калории за зајакнување на енергијата (консумирање на свежо месо), консумирање на многу овошје, потоа мед, ореви итн., потоа сексуална апсистенција на пеливанот, особено пред борењето и др. Но секој пеливан се храни на индивидуален начин и не ја открива тајната на исхраната. Освен тренирање и посветеност, за да се стане квалитетен пеливан, треба да се почне со овој спорт уште од најмали нозе, односно од десетгодишна возраст. Пеливаните, имајќи ја предвид играта која многу е сложена и воедно специфична поради физичката сила и издржливост што треба да се манифестира, се вистински јунаци, а така се перцепираат и од страна на публиката.

Во рамките на арената, пеливаните настапуваат голи до појасот во посебни кожни чакшири (пантолони), наречени кисмети. Овие специјални пантолони за овој вид на спорт се направени од воловска кожа и тие се купуваат во Турција. Кожните пантолони служат за заштита на колената и воопшто нозете, како и полните органи од несаканите последици од борењето. Овие пантолони во долниот дел се стеснуваат а се шијат до подколениците. Во повеќе случаи тие се шарат со нитни, кои покрај естетското имаат и апотропејско значење. Самиот народен термин употребен за ваков вид кожни пантолони кисмет, што на турски значи среќа, не упатува на апотропејското значење на овој вид облека, која треба да го заштити оној што ја носи и да му донесе среќа и победа во борењето. Пеливаните се намачкани со масло со цел да се зајакне и штити нивната кожа, а истовремено да се се отежнува и фаќањето. Истовремено, маслото служи и да не дојде до дехидрација, бидејќи пеливанските борби се исцрпувачки и траат многу долго. Потоа намачканото тело со зејтин дава пријатен отсјај и ја експонира физичко-естетската компонента на телото на пеливанот. На вратот на некои пеливани се среКаваат и амајлии кои се мисли дека ги заштитуваат од злите очи. Инаку, регионот на Каршијак или поконкретно речено — с. Студеничани, и во минатото и денес, имал најмногу пеливани, не само во однос на фолклорното— слободен стил. Од ова село биле произлезени борачи, туку и во борење пеливани и борачи како: Тефик Демири, Ибраим Ибраими, Невзат Латифи, Бислим Бислими, Бедри Елмази и др. (од постара генерација), но и Џезаир Латифи, Мухамет Вејсели, Сабедин Јашари, Али Демири и др. (од понова генерација). Некои од овие презимиња упатуваат на тоа дека овој спорт бил наследен од татко на син и така опстојувал низ вековите.

Пеливаните влегуваат во борилиште секој од свој агол и се собираат на средина на арената каде им се одредува ривалот и потоа почнува дуелот. Се ракуваат меѓусебно, прават круг плескајќи се по нозете, се враќаат на средина фаќајќи се за рамениците, како демек ќе почнат со борењето, потоа ги спуштаат рацете и прават уште еднаш еден круг наоколу.

Откако ќе се вратат на средина ја започнуваат борбата, завземајќи претходно висок почетен став свиткани во појасот и спремни за напад. Играта односно дуелот може многу долго да трае, особено во посилната категорија. Па судиите можат да ја прогласат битката како рамноправна или нерешена. Пеливанот го губи дуелот ако дел од него се допира до земјата со двете раменици ако биде дигнат од земјата до висина на своите колена или повеќе, ако ја предаде борбата самоволно од која било причина.

Победникот се прогласува од судијата, односно судиите ако паралелно се одвиваат неколку дуели. Овој натпревар секогаш се изведува под ритамот на зурлите и тапаните. Преку овие инструменти им се дава поттик  на пеливанската борба, истовремено се следи и ритамот на играта.

Понекогаш дуелот може да се прекине ако настапи мрак и да продолжи наредниот ден или ако дуелот трае предолго  пеливаните со дигање на раката на судијата пеливаните ја предаваат борбата како нерешена.

̈Ритуално перде: Пред борбата, пеливаните прават ритуална игра, наречена перде (перде, турски збор што значи завеса). Тоа се ритуални движења на пеливаните (двајца, тројца, или повеќе) во вид на танц, бидејќи се следи ритамот на тапанот и зурлите. Така, секој пеливан што го изведува пердето, има за цел да ја покаже својата сила пред публиката, односно да го покаже своето развиено тело со цел публиката да се убеди во неговите специфични физички или телесни квалитети, или предности. Пердето го изведуваат најквалитетните пеливани на следен начин. Тие облечени со кисмет (боречки пантолани) и намачкани со масло излегуваат пред публика еден по еден, но може истовремено и двајца, и трчат полека, но ритуално во далечина од 15-20 метри при што во секој пети чекор застануваат и прават темена или перде. При ова движење во вид на танц, тие застануват три или четири пати, а при застанувањето ја спуштаат левата нога со коленото на земја, додека десната нога со коленото ја држат право, и седнати во ваква позиција, прават темена кон публиката со тоа што ја допираат со десна рака околу три пати, еднаш десната бутина, еднаш делот на брадата и челото. Потоа стануваат и чекорат пет чекори, удирајќи се ритуално со раце на двете бутини и одново застануваат за да прават темена. Но тие, во секои пет чекори, толку што одат напред и се враќаат назад. Сосема на крај стануваат и трчаат еднаш брзо во вид на круг, застанувајќи на нозе со лице свртени кон публиката и правејќи уште еднаш темена со десна рака од брадата кон челото.

Гуреч аваси, е втората мелодија на пеливанските натпревари се свири кога пеливаните почнуваат да се борат, а наречена е „Гуреч аваси“ што значи мелодија за борба. Таа се исполнува во целиот тек на борењето без застанување. Оваа мелодија за разлика од мелодијата која се свири на пердето, претставува поодредена мело-ритмичка целина, во која се присутни вонредно богатите ритмички пулсации на тапанот. На крајот од борењето во самата мелодија „Гуреш аваси”, присутен е триумфален одглас на зурлата. Оваа мелодија се исполнува во еден експониран ритмички динамизам, од причини што таа треба на звучен план да предизвика една звучна сугестија за цврстината на борењето, за да ја раздвижи физичко-духовната мобилност и истрајност.

За време на натпреварите не е дозволено да се исполнува импровизирана песна или оро. Комисијата се става и во улога на музички заштитник. Имено, доколку пеливанските мелодии не се свират во изворна форма, комисијата реагира и ги отстранува зурлаџиите. Од спомнатите причини на овие натпревари се канат добро познати зурлаџиски состави. Сето ова јасно говори, дека на пеливанските натпревари строго се почитувале кодексите и кон музиката како нераздвоен елемент, која треба да е на стилска и интерпретативна висина.

Категоризација на пеливаните Пеливаните според нивната сила, често пати и според нивната воља, односно како тие се декларираат, се класифицираат на четири односно пет основни категории: Баш- пеливаните е првата категорија овие се најдобрите, односно непобедените. Токму, нивните меѓусебни дуели кои траат долго време, се најпосакуваните од страна на публиката. Башалти категорија во оваа категорија пеливаните кои според нивната сила се рангирани веднаш по тие од баш-категоријата. Значи овие пеливани се зад главните пеливани, а ова се покажува и од самиот збор со кој се означува оваа категорија на пеливани. Зборот баш значи челник, а зборот алти значи крајот. Според буквалниот превод значи крајот на челото. Бујукорта е следната категорија каде пеливаните со просечна сила во споредба со другите. Зборот бујук значи големо и орта значи просечен. Во непосреден превод значи „средна величина (сила).